Здравјето на чешкиот претседател Милош Земан „малку се подобри“, рекоа денеска неговите лекари.

„ Има причини за внимателен оптимизам“, изјави портпаролката на воената болница во Прага и додаде дека стручен тим ќе продолжи да го лекува 77-годишниот претседател, пренесоа чешките медиуми.

Земан беше префрлен на одделот за интензивна нега на 10 октомври и хоспитализиран поради компликации на една од неговите хронични болести, но деталите за дијагнозата не се познати.

Земан има клучна обврска да го додели мандатот за формирање влада по парламентарните избори на почетокот на октомври, на кои либерално-конзервативните опозициски партии освоија мнозинство места во Претставничкиот дом.

Уставната комисија на чешкиот Сенат во вторникот го прогласи претседателот Земан за неспособен да ги извршува своите должности. Таа одлука мора да биде потврдена од двата дома на чешкиот парламент, а претседателските должности потоа ќе бидат префрлени на премиерот и на претседателите на парламентарните домови.

 

makfax.com.mk