logo
logo
logo

Словенија: Луѓето намерно се заразуваат со коронавирус за да можат полесно да патуваат

Vecer | 13.04.2021

Словенија: Луѓето намерно се заразуваат со коронавирус за да можат полесно да патуваат


Словенија е загрижена поради опасен тренд кој се шири меѓу луѓето со намерно инфицирање со коронавирусот со цел да стекнат антитела за полесно да можат да патуваат. Ова се случува бидејќи, засега оние кои прележале Ковид-19 се третираат подеднакво како имунизираните со вакцина.

Епидемилогот и владина советничка за Ковид-19, Матеја Логар, предупредува на овој загрижувачки тренд.

„Забележуваме тренд на зголемување на бројот на оние кои сакаат што побрзо да се заразат со Ковид-19, за да може да добијат потврда дека го прележале вирусот со цел полесно минување на границите. Ова е опасна пракса која никако не смееме да ја препорачаме и да дозволиме да продолжи да се случува“, рече Логар.

Според неа, токму поради ова се разгледуваат нови можни ограничувања, односно измени во правилата за патување, но исто така и можноста оние што го прележале коронавирусот да бидат избришани од списокот на лицата кои не мора да се тестираат при преминување на граница.

За опасноста од намерното инфицирање со коронавирусот, предупреди и инфектологот Томаж Зовко од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.

„Сè уште не знаеме многу за оваа болест. Непредвидлива е и може да има трајни последици. Не знаеме точно какви долгорочни последици има оваа болест, особено кај помладите пациенти“, рече Зовко.

Тој вели дека најбезбедно е имунитет да се стекне преку вакцинирањето, отколку да се ризикува со вирусот.

„Сите кои намерно се заразуваат се изложуваат на ризикот од потешко заболување, затоа мораме да делуваме одговорно и да се заштитиме и себе и другите“, вели Зовко.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk