Словенечките епидемиолози предупредуваат дека епидемијата на Ковид-19 сè уште не е завршена, и покрај подобрувањето на состојбата и продолжувањето на значително намалување на инфекцијата. Тие исто така истакнуваат дека некои ограничувања ќе останат во текот на летото.

Во Словенија, во последните 24 часа се потврдени 326 новозаразени со коронавирус, а се очекува дневниот просек на заразени да падне на помалку од 300 на почетокот на следната недела, што значи дека земјата конечно ќе влезе во „зелена“ фаза, кога се планираат нови отстапки, што се следи со големо очекување во јавноста.

Сепак, како што предупреди епидемиологот Ирена Грмек Кошник од Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) на прес-конференција во Љубљана, тоа не значи дека луѓето можат да се опуштат, бидејќи и понатаму ќе биде задолжително да се носат маски и основните антиепидемиски хигиенски мерки, а во многу случаи и потврда за имунитет за одредени настани или преминување на границата.

На епидемијата сè уште не и дојде крајот, посочува епидемиологот. Мерките сепак ќе треба да се применуваат и натаму, да се дезинфицираат рацете, да се внимава на растојанието и на хигиената на кашлање, а оние што чувствуваат симптоми на инфекција треба да останат дома, предупреди таа. Таа потсети дека епидемијата на Ковид-19 е прогласена во Словенија минатата година кога имало 140 пациенти за еден ден, а помалку хоспитализирани во болниците отколку што е случајот сега.
Според податоците објавени од владата во вторникот, од 3.558 направени ПЦР-тестови во Словенија се потврдени 326 новозаразени во последните 24 часа, во моментот се хоспитализирани 300 ковид-пациенти, а три лица починале.

Владата ќе донесе одлука за можното прогласување на „зелена“ фаза и олеснување на мерките в четврток, во зависност од моменталната состојба.

makfax.com.mk