Сликата на Пабло Пикасо „Жена што седи пред прозорец“ е продадена за 103,4 милиони долари на аукција организирана во аукциската куќа „Кристи“ во Њујорк.

Платното со димензии 1,46 метри x 1,14 метри насликано во 1932 година е продадено по колекционерска борба од скоро 20 минути, за 90 милиони долари, што достигна 103,4 милиони кога ќе се додадат трошоците и провизиите.

За делото што ја претставува музата и љубовница на Пикасо, Мари-Терез Волтер, речиси двојно е зголемен износот од 55 милиони долари што го процени аукциската куќа.

„Целата синоќешна аукција, кога се продадени дела за вкупно 481 милион долари, укажува на вистинско враќање во нормала“, рече Бони Бренан, претседателка на куќата „Кристи“ во Америка на онлајн прес-конференција.

„Пазарот се врати на вистинскиот пат“, рече таа.

Ова е прв пат во последните две години едно дело да го надмине прагот од 100 милиони долари откако сликата на Клод Моне достигна 110,7 милиони долари во Сотби – исто така во Њујорк.

Годината 1932 година, кога е насликано делото „Жената што седи“, се смета за најдобра и најплодна за кариерата на Пикасо. Неколку големи изложби се посветени само на 1932 година, многу успешна година на работата на шпанскиот уметник.

makfax.com.mk