Поголем број вработени во фармацевтска компанија се уапсени во Индонезија за наводно миење и препродажба на користени стапчиња за тестирање на коронавирус.

Според светските агенции, дури 9.000 патници на аеродромот „Медан“ можеби биле тестирани со повторно употребени стапчиња за проверка на коронавирус, соопшти полицијата.

Државната компанија „Кимија фарм“ сега се соочува со потенцијална тужба поднесена во име на патниците, пишува Би-би-си.

Полицијата верува дека измамата трае од минатиот декември на аеродромот „Куаланаму“ во Медан, во северна Суматра.

Патниците мора да направат негативен тест на Ковид-19 пред летот, а аеродромот им нуди тестирање на самото место. Аеродромските власти користеа комплети за брза проба испорачани од компанијата „Кимија фарм“.

По поплаките од патниците дека добиле лажни позитивни резултати на тестот, полицијата минатата недела испрати прикриен полицаец да се претстави како патник, објавија локалните медиуми.

Кога зеле брис од полицаецот и го известиле дека тестот е позитивен, другите полицајци влегле и го пребарувале тестот. Тие пронајдоа користен комплет за тестирање.

Минатата недела беа уапсени петмина вработени во „Кимија фарм“, вклучувајќи го и директорот на „Медан“.

Локалните медиуми велат дека властите разговарале со 23 сведоци и испитуваат дали приходите од измамата, проценета на речиси 1,8 милијарда рупии (124.800 американски долари), биле искористени за изградба на раскошна куќа за еден од осомничените.

„Кимија фарм“, со седиште во главниот град Џакарта, оттогаш го отпушти вклучениот персонал и вети дека ќе ги засили внатрешните контроли.

makfax.com.mk