„Си-ен-ен“: САД насочуваат свои воени бродови кон Црното Море

САД почнаа да ја подготвуваат пловидбата на свои воени бродови кон Црното Море, а од Стејт департментот е побарано за тоа да биде известена Турција, изјавиле тројца американски претставници за „Си-ен-ен“.

Ваквиот потег, како што се наведува, е одговор на руската заплена на украинските воени бродови кај Кречкиот теснец, кој ги поврзува Црното и Азовското море.

САД се обврзани да ја известат Турција за преминувањето на нивни бродови според Конвенцијата од Монтро од 1936. година, со која се регулира преминувањето на воени бродови преку Босфорот и Дарданелите, кои ги поврзуваат Средоземното Море и Црното Море, објави вчера „Си-ен-ен“.

Според условите на договорот, земјите кои не излегуваат на Црното Море треба да ја известат Турција најмалку 15 дена пред транзитот низ морето.

Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД спроведуваат активности во согласност со Конвенцијата од Монтро.

„Нема да коментираме за природата на нашата дипломатска кореспонденција со турската влада“, рекол портпаролот запрашан за детали за овој случај.

Русија веќе се закани дека ќе одговори на евентуално присуство на американски бродови во Црното Море.

„Без оглед на тоа од каде доаѓа агресијата или провокативните акции, од Украина или од Америка, тоа нам не ни е важно. За нас, државната граница е недопирлива. Ќе одговориме на соодветен начин. Навистина не би сакал нашите подморници да испливаат на брегот на Америка“, порача заменик-претседателот на Одборот за одбрана на државната Дума, Јуриј Швиткин.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари