logo
logo
logo

Шведска може да воведе построги мерки доколку се зголеми притисокот врз болниците

Vecer | 21.04.2021

Шведска може да воведе построги мерки доколку се зголеми притисокот врз болниците


Шведската влада предупреди на нови и построги мерки доколку луѓето продолжат да ги игнорираат постојните ограничувања и препораки во пандемијата Ковид-19 и да го зголемат притисокот врз здравствениот систем, кој веќе се бори со третиот бран на коронавирус, пишуваат тамошните медиуми.

Шведска, која најмногу се истакнуваше со воведување доброволни мерки како одговор на пандемијата, забележа скоро најголем број на луѓе на интензивна нега од избувнувањето на коронавирусот пред една година.

Единиците за интензивна нега во некои региони се пренатрупани, а бројот на легла достапни за најсериозно болните падна под 20 проценти низ целата земја.

„Сега нема простор за живот како да е веќе завршена пандемијата. Стапката на новозаразени не паѓа сама по себе“, рече министерката за здравство Лена Халенгрен на прес-конференција.

Таа ја истакна потребата граѓаните да се придржуваат до постојните правила и препораки и рече дека не ја исклучува можноста за построги мерки доколку ситуацијата се влоши. Таа не објасни какви мерки може да се преземат и што може да ги охрабри.

Инаку заклучно со денеска, 409 лица се на интензивна нега во Шведска, наспроти 560 во екот на смртоносниот прв бран на коронавирусот минатата година.

Шведска, која избегнуваше затворање и ги држеше училиштата, деловните субјекти и рестораните претежно отворени, денеска потврди 7.510 новозаразени со Ковид-19 и 38 смртни случаи, со што бројот на жртвите достигна 13.863 лица.

Податоците за оваа недела на Европскиот центар за контрола на болести покажуваат дека Шведска е меѓу земјите на Европската Унија со најголем број новозаразени по глава на жител за 14 дена, но и меѓу земјите со најмалку смртни случаи.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk