logo
logo
logo

Швајцарската централна банка ги подигна каматните стапки, прв пат по 2015.

Vecer | 22.09.2022

Швајцарската централна банка ги подигна каматните стапки, прв пат по 2015.

Референтната каматна стапка е зголемена за 0,75 процентни поени, на 0,5 отсто, соопшти СНБ во соопштението од денешната седница.

Второто последователно зголемување на каматните стапки е во согласност со очекувањата на пазарот, забележува агенцијата DPA. SNB, исто така, сигнализира можни дополнителни зголемувања. „Не може да се исклучи потребата од натамошно зголемување на референтната стапка на СНБ за да се обезбеди стабилност на цените на среден рок“, се наведува во соопштението.

Исто така, тие се подготвени да интервенираат на девизниот пазар доколку е потребно за да се обезбедат соодветни монетарни услови, продолжува во соопштението. Истовремено, благо ја зголемиле проценката на инфлацијата за годинава, од 2,8 отсто на 3 отсто. Проценката за 2023 година е зголемена за 0,5 процентни поени на 2,4 отсто, а за 2024 година за 0,1 процентен поен на 1,7 отсто.

Во својата оценка за состојбата на економијата, СНБ посочува дека развојот на настаните во наредниот период најверојатно ќе биде обликуван од економското забавување во странство и достапноста на енергија на домашниот пазар. SNB прогнозира раст на БДП од околу 2 отсто за оваа година, околу половина процентен поен послаб отколку што очекувале досега.

Денеска  јапонската централна банка интервенира на девизниот пазар за прв пат од 1998 година со купување на јени за поддршка на ослабената домашна валута. И покрај послабиот јен, БОЈ ги задржале исклучително ниските каматни стапки на денешната седница со цел да го поддржи кревкото закрепнување на економијата.

Така, Јапонија опстојува во екстремно лабава монетарна политика, за разлика од централните банки на другите водечки економии, вклучително и американската ФЕД, Европската централна банка и Британската банка на Англија, кои се обидуваат да ја скротат инфлацијата со затегнување на монетарната политика. Министерот за финансии Шуничи Сузуки одби да открие колку потрошиле за купување на јенот и дали другите земји дале одобрение за овој потег.

Според протоколот, за валутна интервенција е потребна неформална согласност од јапонските партнери во групата седум најголеми светски економии (Г7), особено од САД доколку Токио интервенира во курсот на доларот во однос на јенот.

Придружувајќи се на Сузуки на брифингот, заменик-министерот за финансии за меѓународни работи Масато Канда рече дека Јапонија има „добра комуникација“ со САД, но одбил да каже дали Вашингтон се согласил на интервенцијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk