logo
logo
logo

Шестчасовни разговори меѓу руските и американските воени челници

Vecer | 23.09.2021

Шестчасовни разговори меѓу руските и американските воени челници

Највисоките американски и руски воени претставници вчера одржаа шестчасовни разговори во Хелсинки, што беше нивна прва директна средба од 2019 година, во момент кога двете земји се прилагодуваат на повлекувањето на САД од Авганистан и доаѓањето на талибанците на власт.

Генералот Марк Мили, началник на Здружениот штаб на армијата на САД и Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руската армија, обично не откриваат детали за нивните разговори, а изјавите на двете страни беа исклучително кратки.

Во соопштението на американската војска, во која е наведена должината, но не и конкретните точки на разговорите, се вели дека тие се однесувале на намалување на ризикот и оперативна координација за да се елиминира опасноста од инциденти меѓу страните.

Руската новинска агенција РИА објави дека разговорите биле посветени на намалување на ризикот.

САД и Русија честопати имаат конкурентни воени интереси во светот, на пример во Сирија каде американските и руските војници дејствуваа многу блиску едени до други. Следните чекори на Вашингтон и Москва во Авганистан сè уште не се познати.

Американската војска е под притисок на Конгресот да ја зајакне својата анти-терористичка стратегија за да одговори на опасностите од Авганистан по повлекувањето на САД и доаѓањето на талибанците на власт во август.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека ќе се потпира на операции од далечина, на пример од воени бази во други земји во регионот, за напад на групи како Ал Каеда и Исламска држава во Авганистан.

Но, без војска на терен, не е јасно колку САД се способни да ги откријат и запрат терористичките планови. По 20 години војна, американските воени претставници немаат јасна слика за талибанците и предупредуваат за нивните врски со Ал Каеда.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk