logo
logo
logo

Шефот на руските сили во Сирија разговараше со командантот на курдските сили за турската закана

Vecer | 29.11.2022

Шефот на руските сили во Сирија разговараше со командантот на курдските сили за турската закана

Шефот на руската армија во Сирија се сретна со командантот на локалните курдски сили во врска со заканата на Турција дека повторно ќе го нападне северот на Сирија, изјави синоќа курдскиот портпарол а пренесе една арапска телевизија.

Портпаролот на Сириските демократски сили кои ги предводат Курдите, Сиаманд Али, потврди дека генерал-полковник Александар Чајко се сретнал со курдскиот командант Мазлум Абди во североисточна Сирија но рече дека не ги знае деталите од разговорот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред неколку дена рече дека ќе нареди копнена инвазија во северна Сирија за да ги уништи курдските вооружени групи, откако шест лица загинаа, а десетици беа ранети во експлозија во центарот на Истанбул на 3 ноември.

Русија повика на намалување на тензиите долж турско-сириската граница.

Минатата недела Турција изврши серија воздушни напади врз наводни позиции на вооружени Курди на северот на Турција и Ирак, како одмазда за нападот во Истанбул, за кој Анкара ги обвинува курдските групи.

Групите негираат секаква одговорност за нападот и тврдат дека во турските бомбардирања се убиени цивили и оти ја загрозуваат борбата против организацијата Исламска држава.

Според извештаите на либанската телевизија Ал-Мајадин, Чајко разговарал со Абди за тензиите долж границата со Турција и начините да се избегне нов голем упад на турските сили во Сирија.

Телевизијата, која има новинари низ цела Сирија, тврди дека Чајко предложил распоредување на сириски провладини сили долж границата со Турција, до 30 километри јужно од неа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk