logo
logo
logo

Серија штрајкови на превозниците ќе предизвикаат хаос низ Европа за време на празниците

Vecer | 04.12.2022

Серија штрајкови на превозниците ќе предизвикаат хаос низ Европа за време на празниците

Како што пишува туристичкиот портал Euronews, синдикатите на Ryanair во Белгија, ACV plus и CNE, најавија штрајк бидејќи сакаат да го „изразат својот гнев“ за време на празничната сезона доколку не се исполнат нивните барања во однос на третманот на работниците. Причината е што Ryanair ја затвори својата база во Белгија, принудувајќи го персоналот да најде работа во други европски земји. Се разбира, под услов да продолжат да работат за нискобуџетната авиокомпанија.

Во Шпанија, пак, членовите на синдикатот на кабинскиот персонал ќе штрајкуваат пет месеци, и тоа секоја недела од понеделник до четврток. Нивниот протест започна во август и ќе трае до 7 јануари. И покрај нивниот потег, Рајанер објаснува дека протестот не предизвикал големи пречки за патниците.

Сепак, Ryanair не е единствениот. Францускиот медиум TF1 јавува дека штрајк од 22 декември до 2 јануари најавиле и два синдикати на Ер Франс. Тамошните работници се противат на повторно преговарање за колективниот договор за кабинскиот екипаж. Тоа се однесува на условите за унапредување и нивната плата. Двата синдикати посочија дека има шанси да се избегне штрајкот, но за тоа е неопходно да се постигнат „взаемно задоволителни услови“.

Во Франција, работниците на EasyJet исто така би можеле да штрајкуваат поради колективниот договор.

- По речиси две години колосални напори на стјуардите и стјуардесите, во кои условите за работа навистина ни се влошија поради сериозни стратешки грешки за кои е одговорен само менаџментот, EasyJet предлага зголемување на платата што не ја покрива ни инфлацијата и ги отфрла клучните точки на нашите барања - издаде соопштение за печатот синдикатот SNPNC-FO, за пренесуваат француските медиуми на англиски јазик, The Connexion.

Штрајкот не треба финансиски да ги оштети патниците кои би ги пропуштиле летовите поради потегот на синдикатот. Во случај на штрајк, имено, авиокомпанијата е должна да им помогне на патниците или да обезбеди компензација. Но, ако некој патник резервирал лет иако е познат денот на штрајкот, тешко дека ќе може да добие отштета.

Авиокомпаниите не се единствените превозници кои штрајкуваат во Франција. Синдикатите на железничките превозници вчера започнаа штрајк, поради што просечно сообраќаат само четири од десет линии. Штрајкот треба да заврши утре, но не без последици.

Штрајкови на железницата има и во Велика Британија во текот на декември и јануари. Синдикатот на работниците во железницата, поморството и транспортот (РМТ) објави дека неговите 40.000 членови ќе ги напуштат работните места осум дена за време на празничната сезона. Таму се очекува да се усогласи возниот ред. На лондонскиот аеродром Хитроу ќе протестираат и стотици ракувачи со багаж. Нивниот штрајк ќе започне на 6 декември во четири часот по полноќ и ќе трае три дена.

Чуварите на Еуростар, кој е во сопственост на британската и француската железница, најавија штрајк за 16, 18, 22 и 23 декември. Од синдикатот РМТ потенцираат дека тоа сериозно ќе се одрази на сообраќајот, а од компанијата Еуростар изјавија дека ќе информираат за евентуални промени на возниот ред.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk