Американскиот сенат синоќа го прогласи за уставно судењето за Доналд Трамп, со што се отвори патот за целосно судење на поранешниот претседател под обвинение за поттикнување насилство.

Судењето треба да започне денеска напладне по локално време.

Според Би-Би-Си, шестмина републиканци застанале на страната на 50-те демократи и го поддржале нивниот аргумент дека судењето е дозволено со Уставот на САД. Од друга страна, бранителите на Трамп тврдеа дека тој повеќе не бил претседател, туку обичен граѓанин, па затоа Сенатот нема законска основа да го суди по обвинението на Претставничкиот дом за поттикнување насилство.

Правното сослушување го одбележа првиот ден од судењето и доволно е просто мнозинство за да се гласа за уставноста. Двете страни имаат по 16 часа да ги изнесат своите аргументи пред Сенатот, кој функционира како суд. Трамп одби доброволно да се појави пред Сенатот.

Аргументите се очекува да траат до крајот на неделава, по што сенаторите ќе можат да поставуваат прашања до двете страни. Гласањето во Сенатот за самото отповикување може да следи веќе во понеделник, во зависност од тоа дали се повикани сведоци или не.

И додека е потребно просто мнозинство за одлука за уставност, за пресуда за вина според Уставот на САД потребно е двотретинско мнозинство.

Дури и ако некои републиканци изберат да гласаат според нивната совест наместо партиските упатства и да им се придружат на демократите, ќе биде тешко да се натераат 17 од нив да го сторат тоа. Затоа Трамп ги има сите шанси да биде ослободен, што се очекува на почетокот на следната недела.

makfax.com.mk