logo
logo
logo

„Се остваруваат најлошите стравови на Путин“

Vecer | 01.07.2022

„Се остваруваат најлошите стравови на Путин“

Уредникот на „Скај њуз“ Доминик Вагорн напиша интересна анализа за вчерашниот важен самит на НАТО во Мадрид.

Самитот на НАТО беше најавен како „трансформативен“ и „историски“ и ги оправда очекувањата.

Преговорите не беа лесни, но НАТО ја доживеа најголемата промена во последните неколку децении, наведува Вагхорн.

Поттикната од неиспровоцираниот напад врз Украина, Алијансата претрпе трансформација на внимателно планираниот самит. Заканата за имиџот на поделената Алијанса беше отстранета во последен момент со договор благодарение на кој Турција се откажа од правото на вето за влезот на Шведска и Финска во НАТО.

Светот драстично се промени во последните 10 години

“Сè уште не е целосно јасно која цена ќе се плати за турската согласност, а особено е впечатливо што цената би можеле да ја платат Курдите, сојузници на Западот кои беа клучни во борбата против Исламската држава. Но, се чини дека Ердоган е презадоволен од договореното“, пишува уредникот на Скај њуз.

НАТО драстично го промени својот стратешки концепт, документ од 16 страници кој последен пат беше ревидиран во 2010 година. Тогаш тој воопшто не ја спомна Кина, а зборуваше за Русија како „стратешки партнер“. Вагхорн забележува колку светот се променил за само десет години.

Друг клучен резултат од самитот на НАТО е планот за драматично зголемување на бројот на војници на НАТО во Силите за брза акција од 40.000 на дури 300.000. Тој план е сè уште пуста желба, но треба да ја трансформира способноста на НАТО брзо да реагира на вонредни ситуации.

Илјадници дополнителни војници ќе бидат распоредени на источното крило на НАТО. Велика Британија најави дека ќе ангажира уште 1.000 војници за одбрана на Естонија, иако тие, донекаде збунувачки, ќе бидат сместени во Британија, но треба да бидат подготвени за брза акција доколку се појави потреба.

Путин ќе го добие токму она што не го сака

Лидерите на НАТО постојано нагласуваат дека благодарение на сето горенаведено, Путин ќе го добие токму она што не го сака. Рускиот претседател ја започна војната, тврдат неговите дипломати, делумно за да го запре проширувањето на НАТО. Сега се случува нешто дијаметрално спротивно.

“Неговите најлоши стравови се остваруваат - уште поголем НАТО, со нови членки и повеќе војници и оружје на руските граници“, посочува уредникот на Скај њуз.

Овие промени само дополнително ќе ја разгорат историската несигурност на Русија за нејзиното отворено западно крило, кое историски беше нападнато од потенцијалните окупатори од Наполеон до Хитлер. Но, Путин за тоа може само да се обвини себеси.

Две земји кои се гордееа со својата традиција на неутралност, Шведска и Финска, беа толку потресени од агресијата на Путин против Украина што побрзаа да се приклучат на НАТО. Балтичките земји, гледајќи што се случи со Украина, побараа најконкретна одбранбена помош од НАТО.

Железна завеса се спушта над Европа

По долгогодишно гледање со презир кон Путин, НАТО сега верува дека силата и решителноста се најдобриот начин да се задржи агресивната Русија.

Веројатно е неопходна нова позиција на НАТО, но тоа нема да ја направи сегашната ситуација помалку опасна. Нова железна завеса се спушта над Европа, потврди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Јазот меѓу демократскиот Запад и автократскиот Исток се зголемува, вели Вагорн.

Советниците на Путин веќе подолго време му кажуваат дека НАТО е се поголема закана за Русија и дека тој лично е главната цел. Ниту еден потег направен на вчерашниот самит нема да ја намали неговата параноја, напротив.

Велика Британија вели дека следната фаза од конфликтот во Украина допрва започнува. Западот планира да и помогне на Украина да премине од одбрана во напад. Ако навистина сака да ги избрка руските сили од Украина, на украинската војска ќе и треба не само многу повеќе оружје, туку и трансформација, а тоа ќе бара долготрајна помош од Западот.

Колку Украина и Западот се поуспешни, толку Путин може да стане поопасен. Диктаторите, имено, не можат да си дозволат пораз, се заклучува во анализата.

Фото: MIKHAEL KLIMENTYEV

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk