Саудискиот обвинител бара смртна казна за убијците на новинарот Кашоги

Саудискиот државен обвинител денеска побара смртна казна за пет лица обвинети за учество во убиството на новинарот Џамал ​​Кашоги.

Во врска со убиството извршено во саудискиот конзулат во Истанбул, уапсени беа 18 лица, од кои подоцна 11 беа обвинети. За петмина се бара смртна казна, објави официјален претставник на обвинителството во Саудиска Арабија на прес-конференцијата во Ријад. Сепак, имиња не беа објавени.

Убиството на новинарот го смислил и организирал поранешниот заменик-шеф на саудиската разузнавачка служба, рече тој.

„Сè уште чекаме одговор од Турција на нашето барање да ни ги предадат доказите и аудио снимките поврзани со случајот“, додал официјалниот претставник.

Саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги, кој од 2017 година бил во егзил во САД, беше убиен на 2. октомври во конзулатот на неговата земја во Истанбул. Според канцеларијата на турскиот обвинител, тој најпрво бил задавен, а потоа телото било исечено на делови.

Анкара вели дека операцијата била спроведена од 15 лица испратени од Саудиска Арабија и дека тие ја напуштиле Турција истиот ден откако го извршиле злосторството. Кон родната земја се упатиле со два приватни лета и еден редовен, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со случајот.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари