logo
logo
logo

Сателитски снимки од пред неколку дена и лани ги покажуваат последиците од сушата во Британија

Vecer | 13.08.2022

Сателитски снимки од пред неколку дена и лани ги покажуваат последиците од сушата во Британија

Обединетото Кралство минува низ нов топлотен бран, а утре во делови од Англија би можело да биде објавено предупредување за суша. Сателитската снимка објавена вчера од Коперник, програмата на Европската унија за набљудување на Земјата, односно нашата планета и нејзината околина, покажува дека инаку зелените делови на Британија, станале кафеави среде жештината.

„Вчера, Коперник Сентинел-3 сними област на Обединетото Кралство над која речиси и да немаше облаци. Загрижувачката сувост на вегетацијата предизвикана од сушата е јасно видлива во источниот дел на Британија“. – објави Коперник на Твитер.

Ако го погледнеме видеото, се гледа зелениот дел на Ирска и кафената, односно сувата област на Англија, пишува Express.

Друг пост ја покажува разликата помеѓу две сателитски снимки на Кембриџ во август 2021 и 2022 година.

„Велика Британија е погодена од суша. Ако ги споредиме снимките на Коперник Сентинел-2 од областа околу Кембриџ од 11 август 2021 година и 8 август 2022 година, ќе ги видиме последиците од недостатокот на дожд“, пишува Коперник.

Британската метеоролошка служба издаде жолто предупредување за екстремни горештини во поголемиот дел од Англија и Велс. Температурите за време на викендот би можеле да достигнат до 36 степени. Од друга страна, во Северна Англија и Шкотска се очекуваат пријатни од 20 до 30 степени.

Здравствената агенција издаде предупредување поради претстојните горештини во кое ги советува постарите или оние со здравствени проблеми да се грижат за своето здравје.

Британскиот метеоролошки институт исто така предупреди на висок индекс на опасност од пожари и наведува дека шумските пожари би можеле да настанат поради неколкумесечните слаби врнежи.

Пожарникарите во Лондон ги замолија граѓаните да не прават скара на отворено или на балкони и правилно да ги гасат цигарите и да го фрлаат ѓубрето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk