САД го критикуваа Путин поради новото оружје

Американскиот Стејт Департмент ја обвини Русија дека развива нуклеарно оружје со што создава нестабилност.

Портпаролката на Стејт Департментот, Хедер Нуерт, рекла дека говорот на рускиот претседател, Владимир Путин, покажал дека Русија ги прекршува обврските од договорот за нуклеарно оружје. Таа го критикувала Путин и за анимираниот видеоклип кој бил пуштен во текот на неговиот говор.

„Жал ми е што го гледав анимираниот видеоклип кој прикажа нуклеарен напад врз САД. Таквото однесување го сметаме за неодговорно“, рекла таа.

Путин вчера во обраќање на нацијата рече дека Русија тестирала ново стратешко нуклеарно оружје кое не може да се пресретне. Тој спомена дека руската војска има и подводен дрон со интерконтинентален домет, нова хиперсонична интерконтинентална ракета „Авангард“ која лета 20 пати побрзо од звукот и има удар силен како метеор, ракета која на Западот ја нарекуваат „Сатана“ и хиперсонична ракета „Кинжал“.

Рускиот лидер рече дека развојот на ново оружје какво што нема на Западот е одговор на повлекувањето на САД од договорот од Студената војна за забрана за ракетна одбрана и американските напори во развојот на системи за ракетна одбрана. Путин рече дека САД ги игнорирале желбите на Русија. „Никој не нè слушаше. Сега слушнете нè“, порача Путин. Тој рече и дека новото вооружување ќе помогне во обезбедувањето на глобална стабилност и ќе стави крај на обидите за ослабнување на Русија.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари