logo
logo
logo

Руските туристи во град во Финска ги дочекуваат со украинска химна

Vecer | 14.08.2022

Руските туристи во град во Финска ги дочекуваат со украинска химна

Секој ден во исто време, таму се отвора речната брана стара со векови, а под мостот ита вода под звуците на музиката на финскиот композитор Јан Сибелиус. Тоа е популарна атракција, особено за руските туристи. Дури и руската царица Катерина Велика го посетила Иматранкоски во 1772 година.

Но, од крајот на јули, градот Иматра организира настан кој започнува со интонирање на украинската химна во знак на протест против руската инвазија на Украина. Финска, која дели 1.300 километри источна граница со Русија, исто така се подготвува да го ограничи издавањето туристички визи за Русите.

„Ова е лошо за Русите кои ја сакаат Финска, но ја разбираме финската влада“, вели Марк Косих, 44-годишен руски турист кој со своето семејство дошол да ги види слаповите. Тој истакнува дека многу Руси се против војната: „Не сите Руси се за Путин. Владата и сите други мора да го разберат тоа“.

Во исто време, во блискиот град Лапеенранта секоја вечер недалеку од градското собрание се пее украинската национална химна. Градското собрание гледа на трговските центри, популарни кај руските туристи. „Целта на сето ова е да се изрази силна поддршка за Украина и да се осудат војната и агресијата“, изјави за AFP градоначалникот на Лапеенранта, Кимо Јарва.

Многу руски граѓани го посетуваат Лапеенранта за да купат облека и козметика и средства за хигиена, а доказ за тоа се многубројните автомобили со руски регистарски таблички.

Но, туристичките посети на источните соседи на Финска предизвикуваат незадоволство кај граѓаните поради војната во Украина.

Истражувањето објавено минатата недела од финската јавна телевизија Yle покажува дека 58 отсто од Финците се за ограничувања кога станува збор за издавање туристички визи за Русите.

„Според мое мислење, треба да се воведат строги ограничувања. Не гледам друг начин да ги натераат руските политичари да размислат“, вели Антеро Ахтиаинен, 57-годишен жител на Лапеенранте. И иако нема ништо против индивидуалните туристи, Ахтиаинен вели дека неговиот однос кон Русите е променет.

Иако многу Финци во моментов се незадоволни од доаѓањето на руските туристи, традиционално луѓето од двете страни на граничната област живеат во близок контакт меѓу себе. „Бабите и дедовците на многу Финци живеат во Санкт Петербург. Мојата сопруга е меѓу нив“, вели Косих, додавајќи дека секоја година ја посетува Финска.

Покрај тоа, руските туристи се важен извор на приход за многу фински погранични градови.

Откако Русија ги укина ограничувањата за патување поради Ковид на 15 јули, бројот на руски туристи што ја посетуваат Финска постојано се зголемува.

Иако сè уште има значително помалку руски пристигнувања во споредба со периодот пред Ковид, во јули се регистрирани повеќе од 230.000 гранични премини, што е повеќе од 125.000 регистрирани во јуни.

„Навистина, ако руските туристи не продолжат да доаѓаат во Финска, ќе имаме загуба на приходот, а тоа е штета“, вели Јарва, но додава дека знае дека многу од неговите сограѓаните се за ограничувања кога станува збор за издавање руски туристички визи.

„Во секој случај, мораме да одлучиме нешто, но сепак силно стоиме зад Украина“, заклучува тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk