Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Вершинин, денеска разговарал со генералниот директор на израелското Министерство за надворешни работи, Алон Ушпиз, за ситуацијата во израелско-палестинскиот конфликт, пренесува ТАСС.

„Страните детално разговараа за актелната состојба во конфликтот Палестина-Израел, со акцент на потребата за деескалација на тензиите што е можно поскоро и осигурување соодветна безбедност за израелските и за палестинските цивили“, вели руското МНР во својата изјава.

Вершинин и Ушпиз се осврнаа и на итните прашања во израелско-палестинскиот мировен процес што моментално го разгледуваат Советот за безбедност на ОН и Генералното собрание на ОН.

Размената на ракетен оган меѓу Израел и Појасот Газа, која трае од понеделникот, беше активирана по немирите во џамијата Ал-Акса во Ерусалим каде што во изминатите неколку дена беа повредени стотици луѓе.

Судирите меѓу Палестинците и израелските полицајци избија откако израелскиот суд донесе одлука за иселување на неколку палестински семејства од градската населба Шеик Џара и предавање на имотот на еврејски доселеници, велејќи дека тие го поседувале пред 1948 година.

Израелските медиуми денеска објавија дека девет Израелци загинале во тековните ракетни напади, а според Министерството за здравство на Појасот Газа, во израелските напади загинале 119 Палестинци, а повеќе од 600 биле повредени.

makfax.com.mk