Романците следниот месец на референдум за забрана на хомосексуалните бракови

Романците на 6 и 7 октомври ќе се изјаснат за иницијативата во романскиот устав да се запише забрана за хомосексуални бракови, објави владата. Поборниците за овој план сакаат во уставот да биде вклучена дефиницијата дека бракот претставува заедница меѓу маж и жена, а не меѓу брачни другари, како што е сега.

Овој референдум не се спроведува против сексуалните малцинства, рече премиерката Виорика Данчила на состанокот на социјалдемократската влада.

Поради опасноста од недоволно учество, левото мнозинство одлучи да го измени законот со цел референдумот да трае два дена. Данчила ги критикуваше повиците за бојкот од страна на дел од опозицијата од десниот центар и неколку невладини организации, што може да доведе до пропаѓање на референдумот.

Во оваа претежно православна и конзервативна земја, „да“ за забраната има големи шанси. Но, за да биде валидна одлуката, на референдумот мора да учествуваат 30 отсто од 18,9 милиони Романци.

Овој референдум е резултат на граѓанска иницијатива, од неколку невладини организации блиски до моќната православна црква, кои тврдат дека собрале 3 милиони потписи за покревање на процесот.

Според аналитичарите, поразот би претставувал сериозен удар за социјалдемократите, додека пак според анкетите нивната популарност паѓа и по контроверзните судски реформи кои беа критикувани од Брисел.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари