Каталонија како темпирана бомба

Референдум за независност со крв, гумени куршуми и хаос, но и силна волја

Дали сакате Каталонија да стане независна држава во форма на република – ова е референдумското прашање на кое се изјаснуваа Каталонците, доколку не беа попречени од полицијата

Дали сакате Каталонија да стане независна држава во форма на република – ова е референдумското прашање на кое се изјаснуваа Каталонците, доколку не беа попречени од полицијата. Официјален Мадрид однапред најави дека резултатот од референдумот каков и да е нема да го признае, иако во Каталонија веќе подолго време се мавтаат знамиња испишани со "Каталонија, нова европска држава".

Иако шпанската полиција стори се за да го спречи одржувањето на референдумот – од апсење на градоначалниците во Каталонија, па се до заплена на избирачкиот материјал, во неделата утрото гласањето започна.

Каталонската влада соопшти, еден час пред почетокот на планираниот референдум за независност на Каталонија дека тој ќе се одржи по секоја цена и ги повика избирачите да гласаат на кое било изборно место што ќе биде отворено во случај шпанската полиција претходно да го затвори нивното биралиште.

Освен тоа, каталонските власти соопштија дека гласачите може да ги искористат гласачките листови кои сами би ги отпечатиле дома, иако локални медиуми јавија дека новите гласачки ливчиња, откако претходните беа запленети од шпанските власти, се распределени на изборните места.

Илјадници граѓани на Каталонија се одѕваа на повикот на каталонските власти и од рано утрото во неделата застанаа во редови пред избирачките места за да гласаат. Дел од граѓаните блокираа врати на избирачки места во случај полицијата да се обиде да спречи гласање.

Шпанската полиција во меѓувреме испрати засилување, а Барселона во неделата утрото осамна преполна со стотици полициски возила.

Лидерот на Каталонија Карлас Пуџдемон вети дека референдумот за независност на Каталонија, во која живеат 7,5 милиони луѓе, ќе се одржи иако Уставниот суд на Шпанија одлучи дека гласањето е неуставно.

-Нема да се откажеме од своите права. Нема да заминеме дома. Регионалната Влада има се на место за нормално одржување на референдумот, изјави Пуџдемон.

Тој гласаше во Корнела дел Тери, на 110 км североисточно од Барселона, затоа што не беше во можност да гласа на регуларното гласачко место близу Сент Хулиа де Рамис бидејќи полицијата го опколи избирачкото место и не дозволуваше влез.

-Претседателот Пуџдемон гласаше. Тие не можат да го замолчат гласот на народот. Ќе гласаме и ќе победиме, нагласи на Твитер Жорди Санчез, еден од лицата задолжени за кампањата, јави ДПА.

Но, уште претходно беше јасно дека овој референдум нема да помине мирно. Нејасно беше само во колкав обем ќе бидат судирите помеѓу Каталонците расположени за независност и шпанските полицајци.

Откако шпанската полиција во неделата повторно почна со запленување гласачки кутии и изборни ливчиња, припадници на нејзините специјални единици се судрија со гласачи на неколку места во Барселона.

Демонстранти низ улиците на тој каталонски град извикуваат „ние сме луѓе на мирот" и „не се плашиме", но на голем број места во градот беа забележани амбулантни возила.

Според достапните информации до затворањето на весникот, полицијата успеала да затвори 15 избирачки места и да го заплени гласачкиот материјал, но три четвртини од гласачките места останаа отворени за граѓаните.

-Седумдесет и три отсто од гласачките места се отворени, изјави Жорди Турул на прес конференција.

Тој ги повика Каталонците масовно да излезат на гласање и да не наседнуваат ниту да предизвикуваат инциденти.

Но, шпанската полиција употребила гумени куршуми против демонстранти пред гласачко место во Барселона, а неколку луѓе се повредени, јавуваат западни медиуми. Полицајците испукале куршуми за да оддалечат демонстранти кои сакале да спречат полициски возила со запленет гласачки материјал да заминат од избирачко место.

Весникот Периодико објави дека полицијата употребила гумени куршуми и против луѓе на раскрсница во Барселона.

-Шпанската полиција употреби гумени куршуми денеска против луѓе кои се обидуваат да гласаат на референдумот за независност, потврди каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон.

Тој рече дека полицијата одговара на „гласачките кутии, гласачките ливчиња и школите" со „палки и гумени куршуми".

-Тоа е пример за акции што не можат да се оправдаат, изјави Пучдемон.

Последната информација е дека најмалку 38 луѓе се повредени во акциите на шпанската полиција низ неколку градови во Каталонија, а дека деветмина од нив се со сериозни повреди и се хоспитализирани, соопштија каталонските здравствени власти.

Овој референдум е тест на силата на волјата помеѓу Мадрид и Барселона.

Истовремено, Европа внимателно, но тивко и нервозно ја следи ситуацијата во Шпанија. Европа стравува дека евентуалниот големиот одѕив на референдумот во Каталонија, кој може да донесе позитивен исход од гласањето, може да ги охрабри и другите региони да планираат отцепување, коментираат светските агенции.

Трендот на сецесија на европскиот континент ќе ја изложи ЕУ на нов притисок и ќе донесе потенцијал за насилства, оценуваат агенциите. Сепак, поголемиот дел од европските лидери се воздржаа пред референдумот јавно да заземат став.

Се чини дека и покрај тензиите зад сцената, тие не се подготвени да поддржат некоја од страните, било тоа да се каталонските сепаратисти или, пак, премиерот Маријано Рахој.

Сепак, поддршка на референдумот, иако тивко, покажа премиерката на Шкотска, Никола Стерџен, која рече дека е сосема легитимно Шпанија да се противи на независноста на Каталонија, но дека „правото на самоопределување е битен меѓународен принцип, и дека се надева оти тој ќе биде почитуван во Каталонија, како и на други места".

Уште еден регион кој има тенденција за отцепување, Фландрија во Белгија, гледа на референдумот со надеж и има симпатии кон богатата Каталонија, која се жали дека ги помага сиромашните делови на Шпанија.

Светските агенции, забележуваат дека е многу воочливо молчењето на ЕУ во однос на развојот на настаните во проевропската Каталонија, особено што каталонските претставници ја повикаа ЕУ да посредува во спорот со Шпанија.
Одговарајќи на ова барање, Европската комисија повтори дека референдумот е внатрешно прашање на Шпанија и дека го почитува шпанскиот уставен поредок.

Поврзани

Најнови вести

Коментари