logo
logo
logo

Разликите во платите меѓу германскиот Исток и Запад бавно се намалуваат

Vecer | 14.01.2022

Разликите во платите меѓу германскиот Исток и Запад бавно се намалуваат

Работниците во поранешната источна комунистичка Германија во просек заработуваат повеќе стотици евра месечно помалку отколку нивините колеги на западот од земјата, иако минаа три децении од обединувањето на Германија, покажува официјалната статистика.

Бруто заработувачката за вработените со полно работно време во западните сојузни покраини и во регионот на главниот град Берлин кој инаку е во источниот дел на земјата, исклучувајќи ги посебните плаќања над нормалната плата на вработениот, во просек изнесувала 4.237 евра месечно во третиот квартал од минатата 2021 година. Во петте источни сојузни покраини, пак, овој показател изнесувал 3.442 евра.

Партијата Левица, којашто и го побара објавувањето на овие податоци, се заложи за тоа платите во цела Германија да бидат израмнети до 2025 година, што така би се случило дури 35 години по обединувањето на двата дела на Германија, раздвоени како окупациони зони на западните сојузници и поранешниот СССР по Втората светска војна.

„Во секоја источна германска покраина луѓето заработуваат помалку од која и да е западна покраина. Разликите во платите сѐ уште се големи, малку помалку од 900 евра… Еднаквата плата за еднаков труд, тоа е она што ќе ги намали оправданите фрустрации“, изјави шефот на парламентарната група на Левица, Дитмар Герхард Барч.

Податоците покажуваат значителни разлики не само меѓу регионите, туку и меѓу секторите, како и меѓу заработувачкаа меѓу мажите и жените.
Некои стручњаци истакнуваат дека, сепак, поради разликите во животните трошоци, кои се пониски во источна Германија, разликата во куповната моќ не е толку голема колку што тоа го покажуваат разликите во платите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk