logo
logo
logo

Путин призна: Санкциите може да ја загрозат руската економија (ВИДЕО)

Vecer | 29.03.2023

Путин призна: Санкциите може да ја загрозат руската економија (ВИДЕО)

Иако Путин во неколку наврати се обидуваше да сугерира дека санкциите не ѝ нанеле значителна штета на неговата земја, тврдејќи на пример минатата година дека не ја постигнале целта, денес сепак изјави дека тие би можеле да имаат некакво негативно влијание, пишува Sky News.

За време на состанокот, рускиот лидер ги повика официјалните лица да избегнуваат непотребна бирократија со цел „да се поддржат и зајакнат позитивните трендови и да се зголеми ефикасноста“. „Нелегитимните ограничувања наметнати на руската економија навистина може да имаат негативен ефект врз неа во одреден период“, рече тој.

Повеќе од една година по инвазијата, „невработеноста е на најниско ниво, 3,6 отсто, а на крајот на март инфлацијата ќе падне под 4 отсто“, рече Путин, потсетувајќи дека минатата пролет инфлацијата се искачила на речиси 20 отсто. „Но, тоа не значи дека сите проблеми се решени и враќањето на економскиот раст не значи дека можеме да се опуштиме“, предупреди рускиот претседател.

Тој им порача на Владата и на економските експерти дека мора да „обезбедат брз развој на нови проекти во преработувачката индустрија, со посебен акцент на високотехнолошките производи“. „Нашиот финансиски систем ќе мора да игра важна улога за да одговори на потребите на извозниците. И ние мора да ги замениме западните компании кои работеа во таа област“, додаде тој.

Неговите предлози доаѓаат една недела по самитот во Москва со кинескиот претседател Си Џинпинг, каде што двајцата лидери се согласија да ги „зајакнат“ руско-кинеските економски односи. Некои набљудувачи, сепак, сметаат дека тоа е знак за зголемената зависност на Москва од Пекинг за да се компензира загубата на европскиот пазар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk