Лекари во Јапонија денеска објавија дека успешно ја извршиле првата трансплантација на ткиво на белите дробови од жив донатор, на пациент кој имал сериозно оштетување на белите дробови, предизвикано од Ковид-19.

Примателот е жена од западниот регион Кансаи, а таа се опоравува по речиси 11 часа долгата операција извршена во средата, соопшти универзитетската болница во Кјото, од каде додаваат дека нејзиниот сопруг и син, кои се донатори, се во стабилна состојба, објави агенцијата АП.

Универзитетот додаде дека ова е прва трансплантација во историјата на ткиво од бели дробови од жив донатор на пациент со оштетување од Ковид-19.

Трансплантациите од донатори кај кои е прогласена мозочна смрт се ретки, а живите донатори се пореална опција за пациентите, се додава во соопштението.

„Ние демонстриравме дека сега имаме можност за трансплантација на бели дробови од живи донатори. Мислам дека ова е третман кој им дава надеж на пациентите со сериозно оштетување на белите дробови од Ковид-19“, рече докторот Хироши Дате.

makfax.com.mk