logo
logo
logo

Протест против НАТО и Турција во центарот на Стокхолм, се вееја курдски знамиња

Vecer | 04.06.2023

Протест против НАТО и Турција во центарот на Стокхолм, се вееја курдски знамиња

Демонстрантите, меѓу другото, се против влезот на Шведска во НАТО и новиот закон за тероризам кој стапи на сила во Шведска, пишува весникот „Дагенс нихетер“.

Турските власти побараа да се забрани собирот, но полицијата даде дозвола за одржување на настанот.

Протестот е организиран од Алијансата против НАТО, во која членуваат повеќе различни организации.

Организаторите на толпата им делеа знамиња на Курдистанската работничка партија (ПКК), велејќи дека тоа е протест против новиот закон за тероризам.

Портпаролот на Анти-НАТО Алијансата Томас Петерсон рече дека владата сака да го искористи законот за апсење на Курдите во земјата.

„Тие сакаат да му ги покажат како трофеи на Ердоган за тој да ја пушти Шведска во НАТО“, рече тој.

И покрај фактот што ЕУ, САД и Турција ја прогласија ПКК за терористичка организација, Петерсон тврди дека Курдистанската работничка партија не е терористичка организација и дека тоа е прашање на политичка корист што Турција и другите заинтересирани страни ја добиваат држејќи ја на списокот на терористички групи.

Турција и Унгарија се уште се единствените членки на НАТО кои не го одобрија членството на Шведска во тој воен сојуз, а една од причините за официјална Анкара, меѓу другото, е и фактот што Шведска со години ги поддржува Курдите.

„Шведска ги исполни своите обврски кон Турција“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по двочасовната средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турција веќе 13 месеци го блокира влезот на Шведска во НАТО, обвинувајќи ја за попустливост кон курдските активисти кои живеат на нејзина територија.

Столтенберг изрази надеж дека Турција ќе го одобри влезот на Шведска во НАТО пред самитот на шефовите на државите на земјите-членки на Алијансата на 11 и 12 јуни во Вилнус.

Шефот на НАТО ѝ се заблагодари на Турција што одговорила на барањето за испраќање засилување на северот на Косово.

Турското Министерство за одбрана вчера соопшти дека планира да испрати свои сили во Косово во недела и понеделник како одговор на барањето на НАТО да се приклучи на мировните сили на КФОР по немирите во северно Косово.

Столтенберг вчера присуствуваше на инаугурацијата на Ердоган, кој го започна својот трет претседателски мандат, кој ќе трае пет години.

Од друга страна, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во својата објава на Твитер му честиташе на Хакан Фидан како нов шеф на турската дипломатија.

Ердоган по инаугурацијата најави нови имиња во владата. Фидан ќе го замени Мевлут Чавушоглу. Се верува дека Фидан му е лојален на Ердоган и му служел како дипломатски советник три години.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk