logo
logo
logo

Претседателот на Азербејџан: Меѓународната комисија почна истрага за падот на авионот

Vecer | 28.12.2024

Претседателот на Азербејџан: Меѓународната комисија почна истрага за падот на авионот

Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев изјави денеска во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин дека меѓународната комисија почнала да ги истражува причините за падот на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс, што се случи на 25 декември во близина на градот Актау во Казахстан.

Алиев рече дека авионот на Азербејџан ерлајнс „бил изложен на надворешно влијание“ во рускиот воздушен простор и дека пилотот после тоа изгубил контрола над леталото, пренесе РИА Новости.

Во денешниот телефонски разговор со Алиев, Путин детално разговарал за прашањата поврзани со соборувањето на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс, соопшти Кремљ.

Во соопштението се наведува дека Путин се извини за тоа што трагичниот инцидент се случил во рускиот воздушен простор и уште еднаш изразил длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакал брзо закрепнување.

Во разговорот меѓу Путин и Алиев беше истакнато дека азербејџанскиот патнички авион повеќепати се обидувал да слета на аеродромот во Грозни кога руските системи за противвоздушна одбрана одбивале напади на украински беспилотни летала.

Истражниот комитет на Русија отвори кривична постапка во врска со прекршување на правилата за безбедност во сообраќајот и функционирање на воздушниот сообраќај, а во тек е спроведување на примарните истражни дејствија.

Во моментов, двајца службеници на Генералното обвинителство на Азербејџан се во Грозни, каде што работат заедно со претставници на Генералното обвинителство и Истражниот комитет на Руската Федерација.

Надлежните служби на Русија, Азербејџан и Казахстан тесно соработуваат на местото на падот на патничкиот авион во близина на градот Актау.

Авионот се урна во средата за време на планираниот лет од главниот град на Азербејџан Баку за Грозни во Руската Република Чеченија, откако се пренасочил и се обидел принудно да слета во близина на западниот казахстански град Актау.

Во авионската несреќа загинаа 38 лица, а 29 се повредени, од кои многумина се здобија со тешки изгореници.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk