Повеќе од 7.000 жени од Мјанмар присилно се венчале во Кина

Околу 7.400 жени од Мјанмар биле принудени да се омажат со мажи од Кина помеѓу 2013 и 2017 година, објавија авторите на нова студија.

Повеќето од овие жени, исто така, биле принудени и на бременост, тврди студијата објавена од страна на истражувачите од Школата за јавно здравство Џонс Хопкинс Блумберг и тајландската женска асоцијација Качин.

Студијата содржи над 400 признанија на жени од над 40 локации во Мјанмар и Кина.

Кинеската политика на едно дете резултира со разлика во популацијата во која машките ги надминуваат женските за речиси 34 милиони луѓе, така што се стимулира побарувачката за трговија со жени од соседните земји.

Конфликти, одземање на земјиштето и други кршења на човековите права од страна на владата во Мјанмар доминираат во пограничните области на земјата, главно во провинциите Шан и Качин, каде што илјадници жени без документи практично се втерани во рацете на трговците со луѓе и присилени на брак, од кој тие не можат да излезат, напоменуваат истражувачите.

„Жртвите на принуден брак трпат серија на прекршувања на нивните човекови права и се подложни на физички и психички ризици“, вели водечкиот автор на студијата Кортленд Робинсон.

Студијата ги повикува властите во Мјанмар да стават крај на внатрешните конфликти и да се осигураат дека граѓаните поседуваат лични документи, со што ќе им овозможат легално да работат во Кина. Исто така се повикува кинеската влада да им овозможи на бегалците од Мјанмар безбедно засолниште и хуманитарна помош, со цел да се намали нивната подложност на трговија со луѓе.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари