Пандемијата на коронавирус предизвика големо зголемување на сиромаштијата ширум светот, вклучително и во развиените земји.

Една од попогодените европски земји е секако Италија каде епидемијата избувна на самиот почеток на глобалното ширење.

Поради кризата, стапката на сиромаштија во Италија нагло се зголеми, на највисоко ниво во последните 15 години, откриваат новите официјални податоци објавени оваа недела.

Бројот на луѓе кои живеат во апсолутна сиромаштија се искачи на 5,6 милиони луѓе или дури 9,4% од италијанското население.

Во категоријата апсолутна сиромаштија спаѓаат оние лица кои „не се во можност да купуваат производи и услуги кои се неопходни за постигнување на минимален животен стандард“, се вели во официјалната веб-страница на италијанското биро за статистика.

За споредба, пред пандемијата во 2019 година, според истиот извештај, бројот на луѓе кои живеат во апсолутна сиромаштија во Италија беше 4,6 милиони, или 7,7% од населението.