Бројот на екстремни временски неприлики што се случуваат низ целиот свет се зголемува како резултат на климатските промени, покажаа најновите истражувања.

Околу две третини од копното на Земјата ќе се соочуваат со „влажна и понестабилна“ хидроклима на дневна и повеќегодишна основа, што значи поголеми промени помеѓу влажните и сувите екстреми, пишуваат истражувачите во студијата објавена во списанието Science Advances .

Научниците предупредуваат и дека третина од вкупната површина на светот ќе стане уште посува.

Според тој меѓународен тим научници, поекстремните врнежи претставуваат дополнителна закана за инфраструктурата и општеството воопшто.

Пред се глобалното затоплување ја прави климата понеурамнотежена, „поекстремна во однос на влажноста и сушата“, рече тим предводен од професорката Венксија Жанг од Кинеската академија на науките во Пекинг.

„Хидролошкиот циклус се интензивира кога климата се загрева, а глобалните просечни врнежи се зголемуваат за еден до три проценти по степен на раст на температурата на површинскиот воздух“, се вели во студијата

Но, овој тренд не е униформен и екстремните врнежи може да се зголемат уште повеќе во региони со многу атмосферска влажност.

Областите во повлажни подрачја, како што се монсунските региони во Индија, веројатно ќе бидат повеќе изложени на промени, со зголемување на обилните врнежи од дожд, меѓу другите ефекти, се вели во студијата.