Погребот на папата Франциск, кој почина во понеделник на 89-годишна возраст, се одржува денес во Ватикан во 10 часот наутро по локално време.
Околу 4.000 полицајци ќе ја надгледуваат безбедносната операција денес. Тој број не ги вклучува припадниците на војската, службите за итни случаи или околу 4.000 волонтери.
Покрај 200.000 луѓе на самиот погреб, се проценува дека околу еден милион луѓе ќе се обидат да ја следат поворката во Рим.
Толпи католици и светски лидери се собираат на плоштадот „Свети Петар“ за да му оддадат последна почит на Франциск во сабота, додека папата го прави своето последно патување од Ватикан до неговото избрано почивалиште - неговиот едноставен гроб во црква во Рим.
Голем број верници кампуваа преку ноќ за да добијат подобри места на плоштадот.
Поворката покрај ковчегот на папата Франциск во базиликата „Свети Петар“ заврши во петокот навечер по три дена, а Црквата проценува дека 250.000 ожалостени му оддадоа почит на папата.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија, исто така, пристигнаа во Рим, а на погребот ќе присуствуваат 162 официјални делегации, меѓу кои и неколку католички суверени, раководството на Италија, британскиот премиер Кир Стармер и британскиот престолонаследник Вилијам, украинскиот претседател Володимир Зеленски, аргентинскиот претседател Хавиер Мајли, Бразилецот Луиз Инасио Лула да Силва и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Македонија ја претставува претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Поради доаѓањето на толку голем број светски лидери, распоредени се бројни безбедносни сили на полицијата, армијата и другите служби. Снајперисти, кучиња за детекција и екипи за деактивирање бомби, специјални сили на реката Тибар и други единици ќе бидат распоредени за да се обезбеди непречено одвивање на сè.
Италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре ќе ја предводи погребната миса. На погребот ќе присуствуваат повеќе од 220 кардинали, вклучувајќи ги и оние кои имаат право да гласаат на претстојната конклава за избор на следниот папа.
По завршувањето на мисата, ковчегот на папата ќе биде вратен во базиликата „Свети Петар“, од каде што поворката ќе тргне за погреб во базиликата „Света Марија Велика“.
Десетици илјади луѓе ќе се соберат на рута долга неколку километри низ центарот на Рим - минувајќи покрај знаменитости како што се Пјаца Венеција и Колосеумот до базиликата каде што Франциск ќе биде погребан откако често ја посетувал за време на неговото 12-годишно папство.
Франциск ќе биде првиот папа кој нема да биде погребан во базиликата „Свети Петар“ по повеќе од еден век.
Самиот погреб ќе биде приватен со неколку кардинали, блиски соработници на Франциск и неговата лична медицинска сестра. Ковчегот на папата ќе биде пречекан од некои сиромашни и бездомници во базиликата, според желбата на папата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата