Апсурд

По нападот во Лас Вегас: Растат акциите на производителите на пиштоли

Правото за поседување оружје, кое е загарантирано со устав, во САД доведе до највисока стапка на убиства од огнено оружје меѓу развиените земји

По масакрот во Лас Вегас, при што загина 59, а повредени се над 500 лица, забележан е раст на акциите на производителите на пиштоли.

Акциите на компаниите „Оутдор брендс" и „Стурм Ругер" пораснаа за речиси четири отсто. Цената на акциите на производителите на пиштоли растеше и претходно по слични напади.

Трговците тоа го објаснуваат со поголемата побарувачка на оружје бидејќи граѓаните посигурно се чувствуваат ако се вооружени.

По пукањето во геј клуб во Орландо во 2016 година, при што загинаа 49 лица, продажбата на огнено оружје бележеше раст во следните три месеци.

Според извештаите на неколку производители на оружје, како и на ФБИ, продажбата на пиштоли и пушки забележа пад по победата на Доналд Трамп на претседателските избори. Пред неговата победа продажбата беше во пораст бидејќи се очекуваше ако демократите победат да го ограничат купувањето на оружје.

Купувањето на автоматско оружје е значително ограничено во САД од 30-тите години на минатиот век.

Меѓутоа, правото за поседување оружје, кое е загарантирано со уставот на САД, доведе до највисока стапка на убиства од огнено оружје меѓу развиените земји.

Крвавиот настан во Лас Вегас со 59 загинати и над 500 повредени лица повторно во САД го актуализираше прашањето за контрола на личното оружје, а реакциите повторно се според вообичаените партиски линии.

Трамп во својата предизборна кампања минатата година им порача на гласачите да се подготват да ги предадат своите пиштоли доколку победи „лошата" Хилари Клинтон и вети дека ќе ги штити правата на околу 100 милиони граѓани кои поседуваат огнено оружје.

Статистиката покажува дека бројот на населението во светот изнесува 7,13 милијарди жители, од кои американската популација зазема 4,43 отсто.

Во светот 644 парчиња оружје се во сопственост на цивили, а во САД се наоѓаат 42 процента од вкупниот број на тој арсенал.

Поврзани

Најнови вести

Коментари