logo
logo
logo

План за Германија на АфД: Излез од ЕУ, укинување на еврото и формирање нова европска заедница

Vecer | 29.11.2024

План за Германија на АфД: Излез од ЕУ, укинување на еврото и формирање нова европска заедница

Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) има намера својата изборна програма да ја заснова на напуштање на Европската унија, Парискиот договор за климатските промени и евровалутата, објави германската агенција dpa, пред предвремените избори кои се очекуваат да се одржат во февруари, пренесе Јаху.

Политиките се наведени во предлог-програмата на партијата, за која членовите на партијата ќе расправаат и ќе гласаат на народното собрание на 11 и 12 јануари.

Документот од 85 страници, исто така, повикува на построги закони за абортус, укинување на економските санкции против Русија и поправка и реактивирање на гасоводот „Северен тек“, со кој се транспортираше природен гас од Русија до Германија.

Што се однесува до еврото, во нацрт-програмата се наведува дека Германија мора „да стави крај на погрешниот пат на вечна помош на другите земји со повторно воведување на националната валута“.

„Сметаме дека е неопходно Германија да ја напушти Европската унија и да формира нова европска заедница“, се наведува во документот.

Нацрт-програмата на AfD ја обвини Унијата дека насилно се обидува да се трансформира во „супердржава со планирана економија“ во последните години.

Партискиот манифест објавен во пресрет на изборите за Европскиот парламент во јуни содржеше слични пораки, но експлицитно не бараше Германија да ја напушти ЕУ.

Во нацрт-програмата се бара и напуштање на Парискиот договор за намалување на стакленички гасови. „Наводниот научен консензус“ за климатските промени предизвикани од човекот е политички конструиран, се тврди во текстот.

И покрај тоа што ја нагласува „културата погодна за деца“, АфД во нацртот се залага за законски ограничувања за абортусот.

„Кога внимателно се мерат интересите, абортусот мора да остане како апсолутен исклучок, на пример во случај на криминални или медицински индикации“, се нагласува во текстот.

Нацртот, исто така, предлага бремените жени да бидат законски обврзани да гледаат ултразвучни слики од нивното бебе за време на советувањето за абортус „за да бидат свесни за развојните фази на бебето“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk