logo
logo
logo

Што може сега да се купи на „ПАЗАРОТ НА БУШ“ во Авганистан (ГАЛЕРИЈА)

Vecer | 25.09.2021

Што може сега да се купи на „ПАЗАРОТ НА БУШ“ во Авганистан (ГАЛЕРИЈА)

Повеќето производи што се продаваат на „Пазарот на Буш“, именуван по американскиот претседател Џорџ Буш од периодот на окупацијата, во Кабул, главниот град на Авганистан, се состојат од кинеска стока.

Пазарџиите на пазарот кој 15 години меѓу народот е познат како „Пазарот на Буш“, поради влијанието на американската инвазија врз Авганистан, дадоа изјави за дописникот на АА.

На пазарот, чие вистинско име е „Арја“, а стана познат како „Пазарот на Буш“, поради фактот што претежно се продаваа производи од САД, трговците велат дека нивните бизниси се во стагнација.

Економската рецесија предизвикана од серија проблеми како што се несигурната средина создадена по преземањето на власта од страна на талибанците, затворањето на границите и прекинот на домашните и меѓународните летови се чувствуваат и на пазарот на Буш, како и во остатокот од земјата.

Како главни причини за економската рецесија, трговците ја наведоа неспособноста на банките да ја задоволат понудата на готовина за народот и штетата настаната во меѓународната трговија.

Од друга страна, се забележува дека пазарџиите не сакаа да разговараат со новинарите и не сакаа да бидат фотографирани нивните продавници.

Неколку дуќанџии кои претходно дале изјави за странските медиуми, истакнаа дека нивните зборови се намерно искривени, па затоа не сакаа да зборуваат.

- Американските производи заменети со кинеска стока -

Околу 4-5 години по американската инвазија на Авганистан, дел од пазарот, кој стана широко распространет како пазар на Буш, по претседателот Џорџ Буш, се состоеше од воена облека со потекло од САД, електронска опрема и разни производи.

Оваа ситуација е променета откако странските сили го намалија бројот на војниците во земјата, а потоа си заминаа од земјата.

Многу фактори како што се намалувањето на приходот на луѓето, зголемувањето на потребата за евтини производи во земјата, тешкотијата при увоз на производи од западните земји и границата на Кина со Авганистан ја создадоа оваа нова ситуација.

Копии од американска воена облека и опрема сега се увезуваат од Кина и се продаваат овде, на пазарот лоциран во областа Кува-и Меркез.

На пазарот главно се продаваат елеци, чизми, спортски капи и наочари, палта, чанти, разни делови и опрема за оружје, воени униформи, опрема за фитнес, гајби за муниција и воена облека со американски амблем.

Во разговор со дописникот на АА, трговците истакнаа дека стапката на кинески производи достигнала 80 проценти.

Насир Ахмеди Ибади, кој продава воена облека и опрема, наведувајќи дека на пазарот има и производи изработени во Авганистан, рече: „Повеќето стоки што се продаваат на овој пазар се произведени во Кина. Осумдесет проценти од производите доаѓаат од Кина. За жал, работите на пазарот засега не се добри.“

Мухамед Касим Берхак, раководител на пазарот, рече дека тука има вкупно 500 продавници и дека работат околу 1.000 луѓе.

„Во периодот кога САД и странските сили беа во земјата, овде се продаваше американската стока. Во моментов, најчесто се продаваат стоки донесени од Кина. Квалитетот на кинеската стока е добар, а цената е погодна“, рече Берхак.

Наведувајќи дека поради најновите случувања во Авганистан и немањето меѓународни летови, има потешкотии во донесувањето производи од Кина во земјата, Берхак нагласи дека неодамна донеле мало количество производи преку Узбекистан.

Мухамед Иса Азизи, еден од трговците, истакна дека откако стоката ќе биде нарачана во Кина, во земјата се носи преку Киргистан и Узбекистан.

Азизи, истакнувајќи дека одвреме-навреме стока се носи и преку Пакистан, рече:

„Во Пакистан стоката стои. Ова предизвикува губење време. Дури има стоки што чекаат во Пакистан една година. Затоа, тешко е да се донесе кинеска стока преку Пакистан. Кинеската стока е евтина, затоа го привлекува вниманието на луѓето од Авганистан. Луѓето се сиромашни и поради тоа не придаваат многу внимание на квалитетот.“

Од друга страна, се забележува дека името „Пазарот на Буш“, напишано на знакот на влезот на пазарот е избришано со боја, под влијание на талибанската администрација, која доминира во земјата откако странските сили ја напуштија земјата, а Владата падна.​​​​​​​

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk