logo
logo
logo

Папата Франциск предупредува: Доколку лидерите не успеат храбро да ја искористат пандемијата, светот ќе се самоуништи!

Vecer | 23.04.2021

Папата Франциск предупредува: Доколку лидерите не успеат храбро да ја искористат пандемијата, светот ќе се самоуништи!

Папата Франциск вчера предупреди дека светот е „на пат кон самоуништување” доколку политичките лидери не успеат храбро да ја искористат пандемијата на Ковид-19 како шанса да ја направат планетата Земја поправедно и позелено место.

Од неговиот избор во 2013 година, папата повеќе пати зборувал за потребата од заштита на животната средина, а денеска објави две видео пораки, едната по повод Денот на планетата Земја, а другата за самитот за климатски промени, чиј домаќин е американскиот претседател Џо Бајден.

Во видео пораката објавена за Светскиот ден на планетата Земја, папата Франциск истакна дека политичките лидери имаат можност подобро да излезат од оваа ситуација по научените поуки за социјалните неправди откриени за време на пандемијата на коронавирусот.

– И глобалните катастрофи, ковидот и климата, покажуваат дека немаме време за губење. Времето не притиска и, како што покажа коронавирусот, ние имаме средства да одговориме на предизвикот. Имаме средства. Време е за споделување, ние сме на граница, нагласи поглаварот на Римокатоличката црква.

Тој додаде дека неволјите со кои се соочи човештвото во пандемијата треба да ги охрабрат лидерите да тежнеат кон иновации и пронајдоци со цел подобро да ја заштитат планетата.

Папата апелираше до „сите лидери во светот да се однесуваат храбро, да постапуваат чесно и секогаш да им ја кажуваат вистината на луѓето, за да можат луѓето да знаат како да се заштитат од уништување на планетата и како да ја заштитат планетата од уништување кое многупати сме го иницирале”.

Настанот, кој треба да ги врати САД на позицијата светски лидер во борбата против климатските промени откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од Парискиот климатски договор, папата Франциск го оцени како „прекрасен”. Тој го критикуваше Трамп поради повлекувањето и ја поздрави одлуката на Вашингтон и сегашната администрација на Бајден да се вратат во договорот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk