Само 24 часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Токио, организаторите го отпуштија режисерот Кентер Кобајаши, за шега со холокаустот што ја направил за време на настап во 1998 година.

Кобајаши е веќе четвртата личност во Организациониот комитет која е отпуштена или оставка заради лошо однесување.

Шефот на Олимписките игри во Токио 2020 Јоширо Мори поднесе оставка во февруари по сексистички коментари, оставка поднесе и креативниот директор за отварање и затварање на ОИ, Хироши Сасаки поради навредлива забелешка на една јапонска актерка, а пред неколку дена јапонскиот композитор Киго Ојамада кој ја правеше музиката за церемонијата на отворањето, поднесе оставка поради обвинувања дека злоставувал соученици како дете, вклучително и оние со попреченост во развојот.

Кобајаши доби отказ откако беше откриено дека во 1998 година, за време на настапот во хумористична серија тој рекол „ајде да си играме холокауст“.

„Откривме дека господинот Кобајаши користел фраза во својот говор исмејувајќи ја историската трагедија. Ние длабоко се извинуваме што предизвикавме вакви случувања ден пред церемонијата на отворање и што предизвикавме проблеми и загриженост на многу инволвирани страни, како и на луѓето во Токио и на останатите во земјата “, рече претседателката на Организацискиот комитет Сеико Хашимото.

Кобајаши се извини, велејќи дека скечот кој го напишал во тоа време имал несоодветна содржина.

Центарот Симон Визентал ги осуди антисемитските шеги, како и извештаите за насилство врз лица со попреченост.