На Унгарија ѝ недостасува присуство на Велика Британија во рамките на Европската Унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека двете земји треба да градат нови билатерални односи.

„Зборуваме за нуклеарна сила која ја напушти ЕУ, што беше лошо за нас и сè уште е лошо за нас. Страдаме поради отсуството на Велика Британија“, рече Орбан во пресрет на денешната средба со неговиот британски колега Борис Џонсон, пренесува „Ројтерс“.

Тој додава дека е постигнат договор со Велика Британија за многу прашања, што, како што забележува, создаде еден вид рамнотежа во ЕУ.

„Но, сега се поставува прашањето каде ќе биде нивното место во светот. Мора да градиме нова билатерална соработка“, рече Орбан за државното радио.

Тој наведува дека Брегзит, кој стапи на сила кога Велика Британија го напушти единствениот пазар на ЕУ на почетокот на оваа година, постави општа насока, но дека Унгарија ќе бара конкретна соработка во некои области.

Орбан, сепак, не даде дополнителни детали.

Вчера унгарскиот премиер се состана со лидерот на шпанската крајна десница, Сантијаго Абаскал, кого го нарече важен сојузник во европскиот блок.

makfax.com.mk