Само половина од жените во земјите во развој имаат контрола над нивните тела – одлуки за секс, здравствена заштита и контрацепција, покажа извештајот на Обединетите нации.

Во документот се наведува дека на жените и девојките им е забрането да имаат пристап до контрацепција или абортус, на нив се врши обрезување или се тестираат за невиност и мора да се омажат како деца, известува Фондацијата „Томсон Ројтерс“.

„Правото на автономија над своето тело значи право на избор без страв од насилство или некој друг да одлучува за нас“, рече Наталија Канем, шеф на Агенцијата на ООН за сексуално и репродуктивно здравје (УНФПА).

Жените во субсахарска Африка, Јужна и Централна Азија имаат најмала контрола над нивните тела, на пример во одлуките за сексуален однос или пристап до сексуални здравствени услуги без одобрение од машки роднини или партнери, пишува УНФПА.

Во земји како Мали, Нигер и Сенегал, само 10 проценти од жените имаат телесна автономија, се вели во извештајот во кој се анализирани повеќе групи податоци за родова еднаквост, сексуално здравје и пристап до контрацепција во 57 земји.

Канем истакна дека социјалните табуа за сексот и патријархатот ги спречуваат жените и девојчињата да го изразат своето мислење затоа што мажите имаат предност во одлуките.

„Родовата нееднаквост е најподмолната и најраспространета пречка за телесната автономија. Таа почнува од лулката“, рече Канем, педијатар и епидемиолог, која додаде дека ситуацијата е влошена поради пандемијата на коронавирусот.

„Она што порано беше тешко, сега е уште полошо поради пандемијата на Ковид-19, што резултираше со зголемено сексуално насилство, зголемен број на несакана бременост и нови бариери за пристап до здравствени услуги, со загуби на работното место и образование“.

УНФПА во април минатата година објави дека глобалните мерки за општо затворање може да доведат до 20 проценти повеќе семејно насилство, бидејќи жртвите ќе бидат затворени со нивните насилници.

 

makfax.com.mk