Одмаздата на Израел е брутална: Најинтензивна акција против Сирија во последните три децении

Израелската армија изведе интензивни ракетни напади на цели во Сирија, откако бил пресретнат и соборен ирански дрон кој што полетал од база во Сирија кон израелска територија.

За време на нападите кои што следувале потоа, сириската против-воздушна одбрана за прв пат успеа да собори израелски воен авион „Ф-16" кој што се срушил на северот на Израел, но двајцата пилоти навреме се катапултирале и се спуштиле на израелска територија без повреди.

Израелците на соборувањето на авионот возвратија со голем бран на воздушни напади на 12 сириски и ирански цели во Сирија, што е најголем и најинтензивен напад на Сирија уште од војната со Либан во 1982-ра година, откри првиот човек на израелското воено воздухопловство Томер Бар.

Реагирајќи на соборувањето на израелскиот воен авион, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху истакна дека „политикиата на Израел е да се брани од сите обиди за нарушување на суверенитетот е целосно јасна".

„Иран отворено го наруши нашиот суверенитет. Испратија ирански дрон од сириска територија во Израел. Израел смета дека за тоа се одговорни Иран и нивните сириски домаќини", порача Нетанјаху нагласувајќи дека „Израел сака мир, но ќе се спротистави на секаква воена присутност на Иран во Сирија".

Иранците се огласија и демантираа било каква нивна вмешаност во израелско-сириското насилство, нагласувајќи дека немаат испратено свои дронови во Сирија, ниту пак тие го собориле израелскиот авион.

„Обвинувањата на ционистите се толку смешни што ние нема ниту да одговориме на нив. Сириската армија има легитимно право да реагира на странска агресија и да ја брани својата земја", изјави Бахрам Хусени, потпарол на иранското министерство за одбрана.

Израелците добија поддршка од официјален Вашингтон од каде што истакнаа дека САД го поддржува Израел во намерата да се одбрани од било какви закани. Од друга страна, од Москва порачаа дека Русија е сериозно загрижена од таквиот развој на ситуацијата и ги повика сите страни да бидат воздржани и да избегнат ескалација на ситуацијата.

Израелските авиони често за време на граѓанската војна во Сирија која што трае од 2011-та година ги напаѓаа метите на силите поддржани од Иран - најголемиот непријател на еврејската држава на Блискиот исток. Израелските авиони во најголемиот дел од нападите бомбардираа конвои со оружје кои што Иран пред се им ги испраќаше на борците на Хезболах во Либан.

Израелското воено воздухопловство исто така често напаѓаше и мети во Сирија, меѓутоа откако започна војната ова е прва ваква најголема ескалација на ситуацијата за која што од официјален Тел Авив порачаа дека ќе одговорат жестоко, а тоа веќе и го прават.

Поврзани

Најнови вести

Коментари