Од денес, граѓаните на Србија имаат пристап до т.н. ковид-пасош, односно дигитален зелен сертификат – потврда за вакцинација против коронавирус и резултатите од различни тестови за Ковид-19, објави денеска директорот на Српската национална канцеларија за ИТ-администрација, Михајло Јовановиќ.

Дигиталниот зелен сертификат е консолидиран сертификат кој докажува дека граѓаните биле вакцинирани против коронавирус или имаат резултати од тест на Ковид-19.

„Сертификатот е квалификуван сертификат со електронски печат и не може да биде фалсификуван или злоупотребен“, рече Јанковиќ.

Покрај личните податоци (име, презиме, единствен матичен број, пол и број на пасош), дигиталниот зелен сертификат содржи и податоци за вакцинацијата, бројот на примени дози и датумите на вакцинација, како и резултати од ПЦР, антиген и серолошки тест.

Постапката за преземање на овој електронски документ подразбира дека граѓаните се претходно регистрирани на порталот е-Влада, каде што, по проверка на личните податоци, ја оставаат својата е-адреса, на која системот по неколку минути испраќа сертификат.

Со читање на QR-кодот на дигиталниот зелен сертификат, достапни се статуси за вакцинација во две дози.

Другите два статуса се поврзани со резултатите од ПЦР и антиген тест, доколку се направени во последните 72 часа и се негативни.

Резултатот за серолошкиот тест значи дека тоа е направено во последните шест месеци за луѓе кои не примиле вакцина или два месеци за вакцинирани, доколку т.н. нивниот IgG-параметар е позитивен, објасни српската е-влада.

До вторник, 11 мај, во Србија се дадени 3.850.413 дози на една од четирите достапни вакцини („Фајзер / Бионтек“, „спутник В“, „Астра зенека“ и „Синофарм“), а најмалку 1,67 милиони граѓани примиле две дози вакцина.

makfax.com.mk