logo
logo
logo

Нов компромитирачки материјал за Трамп!

Vecer | 04.05.2021

Нов компромитирачки материјал за Трамп!

Нов компромитирачки материјал подготви Кристофер Стил, поранешниот агент на британската контраразузнавачка служба МИ6.

Тој за ФБИ подготви уште едно досие за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, додека тој беше во Белата куќа, изјавија неименувани извори за британски Телеграф.

Првото досие предизвика истрага на специјалниот истражувач Роберт Мулер за руското мешање во изборите во САД во 2016 година.

Во првото досие, Стил даде голем број детали за наводното сексуално однесување на поранешниот претседател и тврдеше дека Кремаљ поседува компромитирачки материјал за првиот човек на Америка, вклучително и снимки од неговата средба со проститутка во хотел во Москва во 2013 година. Тогаш Трамп тврдеше дека се работи за политички мотивирани лажни вести.

Преку неговата компанија Orbis Business Intelligence, Стил се чини дека продолжил да испраќа „суров “ материјал до американската агенција.

Дел од материјалот од второто досие вклучува дополнителни информации за руското мешање во изборите во САД и обвинувања за постоење на повеќе видеоснимки од сексуални односи. Во второто досие како извори на информации се наведени извори кои не се поврзани со изворите во првото досие.

Стил ја водеше канцеларијата на МИ6 во Русија помеѓу 2006 и 2009 година, а потоа формираше своја компанија.

Истрагата на Мулер поттикната од првото досие доведе до низа тужби што на крајот доведоа до затворање на Пол Манафорт, менаџер на кампањата на Трамп, потоа на Џорџ Пападопулос, советникот за кампања и Роџер Стоун, долгогодишен близок соработник на Трамп.

Второто досие на Стил содржи нови детали за контактите на Манафорт со Русите. Неодамна во американските медиуми беше објавено дека Константин Килимник, соработник на Пол Манафорт, доставувал информации до руските разузнавачи за анкетите и стратегијата на изборниот штаб на Трамп, се наведува во извештајот на Телеграф.

ФБИ нуди награда од 250.000 американски долари за „информации што би довеле до апсење на Константин Килимник“. Министерството за финансии на САД го стави Килимник под санкции, означувајќи го како „познат руски шпион“.

Се чини дека Стил верува дека санкциите ја потврдуваат „соработката“ меѓу луѓето на Трамп и руските шпиони. ФБИ имаше интервју со Стил во Лондон во септември 2017 година, додека истрагата за руското мешање во изборите беше во тек, пишува Телеграф.

Стил тогаш го информираше ФБИ за четири шпионски канали, и иако главниот „под-извор“ за информации „не бил активен“ за време на разговорот, едниот канал бил „активен и започнал да носи добри информации“. Тој агент бил извор на второто досие, дознава Телеграф.

Според Њујорк Тајмс првото досие е одбиено од страна на ЦИА, опишувајќи го како озборување преку Интернет, но сепак се користело за да се добие тајно судско одобрение за следење на Картер Пејџ, поранешниот соработник на кампањата на Трамп.

Пејџ во моментов ги тужи ФБИ и Министерството за правда за 75 милиони долари, пренесува Телеграф.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk