logo
logo
logo

Норвешка ја продолжи суспензијата на вакцината на „Астразенека“ до 15 април

Vecer | 26.03.2021

Норвешка ја продолжи суспензијата на вакцината на „Астразенека“ до 15 април

Здравствените власти во Норвешка ја продолжија суспензијата на вакцината против Ковид-19 на „Астразенека“ до 15 април, со објаснување дека мораат подетално да ги испитаат нејзините можни несакани ефекти, по случаи на сериозни проблеми со згрутчување на крвта.

Така, Норвешка се приклучи на Данска во очекување на резултатите од проверките, додека повеќето други европски земји продолжија да ја користат вакцината на „АстраЗенека“, која од страна на европскиот регулатор беше оценета како „безбедна и ефикасна“.

„Оваа одлука за продолжување на прекинот на вакцинацијата со вакцината на Астразенека е тешка, но оправдана“, рече шефот на норвешкиот Институт за јавно здравје (ФХИ), Геир Букхолм, во изјавата.

„Сметаме дека е потребно дополнително истражување за овие случаи, за да може на норвешките граѓани да им се дадат најдобри можни препораки за вакцинација“, додаде тој.

Во таа нордиска земја, неколку медицински работници на возраст под 55 години и со добро здравје имаа комбинација на нетипични симптоми, вклучувајќи згрутчување на крвта, крварење и пад на бројот на тромбоцити, неколку дена по примањето на вакцината на „Астразенека“.

Три лица починаа, а едно, помладо и без познати здравствени проблеми, почина по излив во мозокот.

Досега не е воспоставена врска помеѓу овие случаи и англо-шведската лабораториска вакцина, но тим од норвешки лекари рече дека сметаат дека овие ретки, но тешки случаи се резултат на силен имунолошки одговор на вакцината.

„Главната работа е да се утврди дали постои каузална врска помеѓу вакцината и многу тешки несакани ефекти, за кои се сомневаме“, изјави директорката на ФХИ, Камила Столтенберг, за радиото НРК.

Продолжувањето на суспензијата ќе ја одложи норвешката кампања за вакцинација за една недела или две, посочи Институтот. Оние кои ја примиле првата доза на вакцината, засега нема да добијат втора, додаде таа.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk