Нетанјаху, кој важи за пријател на Путин, сега сака да ја вооружува Украина

Изјавата се чини дека е отстапување од неговата долгогодишна позиција дека Израел треба да биде неутрален во однос на руската инвазија на Украина, со оглед на неговата желба да ја задржи слободата на движење за да ги нападне иранските цели во Сирија, чиешто небо го контролира Москва.
На новинарско прашање дали верува дека Путин постапува рационално додека ги проширува руските воени операции во Украина, Нетанјаху одговори дека мисли дека рускиот претседател се води од „неговата визија за обновување на големата руска империја и дека се надева дека почнува да се сомнева во тоа“.
Поранешниот премиер на Израел, пак, рече дека не сака да „игра психолог“, туку повторно да биде на чело на владата, да ги добие сите информации и потоа да одлучи што, доколку нешто, може да се направи во конфликт надвор од она што е направено досега, објавија израелските медиуми.
Нетанјаху потсети дека актуелната влада е на удар поради одбивањето да испорача оружје на Украина и дека неодамна му беше поставено прашање за тоа, а одговорот ќе го разгледа кога ќе биде на функција.
„Сите имаме симпатии за Украина. Тоа прашање не се ни поставува и јас не се разликувам“, рече Нетанјаху, додавајќи дека од него било побарано да посредува меѓу Русија и Украина по избувнувањето на војната.
Тогашниот премиер на Израел Нафтали Бенет се обиде да посредува меѓу претседателот на Украина Володимир Зеленски и Путин и отпатува за Москва и разговараше неколку пати со двајцата лидери, но неговите напори не вродија со плод и неговата влада почна да се распаѓа.
Нетанјаху претходно се фалеше со блиски односи со Путин, а сега изрази очекување дека повторно ќе му биде понудено посредување доколку биде реизбран за премиер.
Во интервју за ТВ мрежата MSNBC во средата, тој рече дека оружјето што Израел го снабдува на бојното поле завршува во ирански раце и се користи против Израелците.
Тој го наведе случајот на сириската страна на Голанската висорамнина кога армијата наишла на оружје од израелско производство на локација каде што се обидувале да го спречат Иран да отвори втор фронт идентичен на либанскиот.
Се верува дека тој мислел на инцидент во 2016 година кога технологијата за беспилотни летала прво ѝ била продадена на Русија, а потоа и на иранската војска, која го испратила дронот во правец на Израел.
Се верува дека позицијата на Израел се заснова на желбата да се одржи слободата на операции во Сирија и да не се создаваат проблеми за големата еврејска заедница во Русија.
Во средата израелскиот министер за одбрана Бени Ганц истакна дека Израел ќе продолжи да ја поддржува Украина, но нема да ја снабдува земјата со вооружени системи.
Сепак, тој рече дека Израел може да ѝ достави на Украина систем за предупредување за дојдовни напади, како оние што ги користи.
Во четвртокот, израелскиот премиер Јаир Лапид разговараше со украинскиот министер за одбрана Дмитро Кулеба додека гневот на Киев расте поради одбивањето на Израел да ѝ достави оружје на Украина.
По разговорот, Лапид на Твитер објави дека со Кулеба ја споделил својата длабока загриженост за воените врски меѓу Иран и Русија и потврдил дека Израел стои со украинскиот народ.
Лапид, сепак, не го спомна официјалното барање на Ураина Израел да ги снабдува со системи за противвоздушна одбрана додека продолжуваат руските напади, вклучително и нападите со беспилотни летала, наводно, обезбедени од Иран.