Немири во Букурешт – 440 повредени во протест на романската дијаспора против Владата

Романската влада соопшти дека 440 лица се повредени, вклучително и 24 полицајци, во судирите меѓу демонстрантите и полицијата кои синоќа избија во главниот град.

Во Букурешт протестираат илјадници Романци кои живеат во странство и се незадоволни од работата на левичарската влада. Службата за итни случаи објави дека 65 лица, од кои деветмина полицајци, биле задржани во болницата.

Конфликтите избувнаа минатата ноќ кога дел од десетиците илјади демонстранти се обиде да го пробие полицискиот кордон околу владината зграда, објави новинската агенција АП.

Повеќе лица биле уапсени, а полицијата неколку пати во текот на вечерта користеше водени топови за да ja разбие толпата.

Романскиот претседател Клаус Јоанис, инаку критичар на владата, рече дека силно ја осудува бруталната интервенција на полицијата и додаде дека истата е несоодветен одговор кон претежно мирните протести.

Романците што живеат во странство во петокот започнаа протест против левичарската влада во Букурешт, барајќи нејзина оставка и распишување за предвремени избори. Членовите на романската дијаспора, кои дојдоа во Букурешт од европските земји за да присуствуваат на демонстрациите, се лути поради начинот на кој се управува со земјата.

Околу три милиони Романци живеат во странство и велат дека ја напуштиле земјата поради корупцијата, ниските плати и недостатокот на можности, објави АП.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари