Политичкиот противник на Путин, Алексеј Навални, кој моментно штрајкува со глад, сè потешко зборува и е значително ослабен, соопшти неговата сопруга на социјалните мрежи, откако го посетила во затворот.

44-годишниот Навални, најави штрајк со глад кон крајот на март, протестирајќи против постапките на управата во затворот, која одбива да го лекува од акутни болки во грбот и нозете.

Во објава на „Инстаграм“, сопругата Јулија ја опиша неговата состојба откако разговарала со него преку телефон, разделени со стаклена бариера.

„Тој е сè уште весел и оптимист. Но, зборува со тешкотии и понекогаш го закачува телефонот и се потпира на масата за да се одмори. Има изгубено многу килограми, сега има околу 76, а е висок 190 сантиметри“.

Тоа практично значи дека тежината на Навални паднала за 16 килограми откако тој минатиот месец пристигна во затворот, кој е во град на околу 100 километри источно од Москва.

„И натаму не дозволуваат да го прегледа лекар“, додава неговата сопруга.

Администрацијата во затворот тврди дека му понудила третман, но дека тој одбил, пренесува агенцијата „Ројтерс“. Навални беше префрлен во затворската клиника на почетокот на овој месец, поради висока температура и кашлица.

Руската затворска служба во вторникот објави дека одбор на лекари го оценил неговото здравје како задоволително, па затоа тој бил вратен од клиниката во главниот дел од затворот на 9 април.

Навални беше затворен во февруари и беше осуден на две и пол години затвор за кршење на условна казна.

„Русија, или поточно руските власти, можеби го водат Навални во ситуација на бавна смрт и се обидуваат да го прикријат она што навистина му се случува“, изјави минатата недела за „Ројтерс“ генералната секретарка на „Амнести Интернешнл“, Агнес Каламард.

makfax.com.mk