logo
logo
logo

Научници на СЗО: Истрагата за потеклото на коронавирусот треба да се прошири надвор од Кина

Vecer | 23.03.2021

Научници на СЗО: Истрагата за потеклото на коронавирусот треба да се прошири надвор од Кина

Научниците кои се обидуваат да го утврдат потеклото на вирусот кој предизвикува Ковид-19 велат дека има сè повеќе докази што укажуваат дека истрагата треба да се прошири надвор од Кина.

По првиот потврден случај на Ковид-19 во кинескиот град Вухан во декември 2019 година, истражувачите кои се обидоа да откријат како и од каде потекнува вирусот, што предизвикува потенцијално смртоносно заболување, се фокусираа на Кина.

Најблискиот познат роднина на патогенот, има 96 проценти идентичен геном, а станува збор за уште една форма на коронавирус, која беше откриена на почетокот на 2020 година во јужната кинеска провинција Јунан.

Сепак, неколку неодамнешни студии откриле неколку вируси кои се слични на САРС-КоВ-2 како оној од Јунан, но појужно, во Камбоџа и Тајланд, пишува „Гласот на Америка“.

Виролозите од неодамнешната мисија во Вухан, испратени од Светската здравствена организација да го испитаат потеклото на Ковид-19, исто така веруваат дека во следната фаза на истражување, Југоисточна Азија треба да се додаде во областа на интерес.

Нивниот совет е да се следат лилјаците. Некои видови на овие летечки цицачи се добро познати резервоари на семејството на коронавируси и водечки кандидати како извор на САРС-КоВ-2.

Научниците веќе идентификуваа повеќе од 100 форми на коровирус поврзани со САРС низ Кина, вели Питер Дажак, еден од виролозите вклучени во мисијата во Кина.

„Сепак, ние не направивме доволно истражување во Мјанмар, Лаос и Виетнам за да можеме да кажеме дека во тие земји ги нема уште повеќе“, рече Дажак за Гласот на Америка.

„Значи, постои можност вирусот да потекнува од провинцијата Јунан, но мојата најдобра проценка е дека треба да ги испитаме Мјанмар, Лаос, Виетнам и уште појужно – целиот регион на Југоисточна Азија како потенцијално жариште.“

Кина одби да даде оригинални податоци за најраните ковид-пациенти. Дури и без тоа, додава Дажак, кинеските научници и делегацијата на СЗО се согласија дека патот по кој САРС-КоВ-2 најверојатно стигнал до луѓето е од лилјаците преку некој вид одгледувано диво животно, кое служело како пренесувач.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk