logo
logo
logo

Вечер Анализа

„НАТО треба да се убие за да се спаси“

Vecer | 01.07.2022

„НАТО треба да се убие за да се спаси“

Порталот Политико објави коментар под наслов „НАТО треба да се убие за да се спаси“, во кој всушност повикува на реформа на Алијансата. Како што пренесува хрватскиот Јутарњи лист, иако штотуку заврши самитот на НАТО во Мадрид кој претставниците на западните земји го прогласија за историски и иако се извикуваа суперлативи, зад таа идила на меѓусебно тапкање по рамениците и пофалби, можеше да се види дека единството на сојузот е можеби долго километар, но длабоко само еден сантиметар.

Фактот што лидерите на земјите-членки ја прогласија Русија која и се заканува на Европа барем од 2007 година за „најзначајна и директна закана“ за безбедноста, мирот и стабилноста на евроатлантскиот регион, повеќе е акцент на форма отколку индикација за голема стратегија, оценува Политико.

А привлекувањето на Шведска и Финска кон Алијансата, што Столтенберг го прогласи за достигнување, е повеќе резултат на нешто што пристојно може да се нарече уцена од Реџеп Таип Ердоган отколку успешна висока дипломатија со цел да си помагаат меѓусебно во одбраната, пишуваат во Политико, наведувајќи дека турскиот претседател држел две држави во „заложници“ за да го добие тоа што го сакал од САД, нови авиони Ф-16.

Авторот на тој портал дури се прашува дали Турција воопшто би испратила своја војска во случај на руска инвазија на балтичките земји. Нивниот одговор е: Тешко.

Во текстот се наведува и дека членството на Ердоган и Виктор Орбан во Алијансата не само што ги поткопува тврдењата на НАТО дека е заедница која ги дели либералните вредности, туку и ги исмева и не се единствените кои го поткопуваат легитимитетот на оваа алијанса.

Политико потсетува дека само неколку недели пред инвазијата, германските политичари, вклучително и министерката за надворешни работи Аналена Бербок, побараа САД да ги повлечат сите нуклеарни боеви глави од германска територија. Сега нападот врз Украина ги натера германските политичари, кои со години ги игнорираа апелите на Вашингтон да престанат да ја „држат германската армија на диета“ и да почнат да придонесуваат за воениот сојуз, преку ноќ станаа големи поборници на Северноатлантскиот договор.

Оваа нова посветеност на Алијансата, оценува Политико, е резултат на страв, а не на убедување, а лепилото што ја врзува Алијансата не е единство на визијата, туку инстинкт на членките да се кријат под американскиот нуклеарен штит. Ова не е доволно за Алијансата да го одржи единството.

Голем дел од европската јавност е поделен околу тоа колку далеку да се оди во спротивставувањето на Владимир Путин, делумно поради тоа што нивните влади не се договорени за степенот на закана за целиот континент од Русија.

Ако Украина продолжи да губи територии и човечки животи затоа што нема одбранбени ресурси, смета Политико, НАТО ќе биде виновен.

Иако Бајден сега ги врати САД во седлото на НАТО, по Трамп, кој жестоко ја оддалечи Америка од Алијансата, тоа не значи дека САД ќе продолжат да го гледаат НАТО како приоритет поради сопствените проблеми со Кина, што повторно значи дека ќе биде помалку загрижена за ситуацијата во Европа.

Поради оваа причина, како што предлага Политико, НАТО треба да спроведе радикална реформа, да престане да се потпира исклучиво на САД и да ги избрка земјите членки кои не ги почитуваат основните демократски норми од Алијансата.

На ист начин, членовите кои не вложуваат доволно во својата одбрана, пишува во Политико, треба да се насочат да бараат безбедносни гаранции на друго место, надвор од Алијансата.

„Во воените кругови контроверзна е тактиката на уништување град за да се спаси. Во случајот со НАТО нема друга опција“, заклучува „Политико“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk