logo
logo
logo

НАТО ѝ испараќа на Украина уште оружје со ветување дека ќе стане нејзина членка

Vecer | 29.11.2022

НАТО ѝ испараќа на Украина уште оружје со ветување дека ќе стане нејзина членка

Повторија дека Украина ќе стане членка на Алијансата, без да прецизираат рокови, јавуваат агенциите од состанокот во Букурешт.

Украина, претставена од нејзиниот министер за надворешни работи, ги повика земјите-членки собрани на министерскиот состанок во Букурешт да ја забрзаат испораката на оружје и електрична опрема за да ѝ помогнат, по повеќе од девет месеци војна, да ја поправи енергетската инфраструктура оштетена од руските напади.

„Минатиот пат кажав три збора: оружје, оружје, оружје. Овој пат имам уште три збора: побрзо, побрзо и побрзо“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба пред средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пишува агенцијата АФП. .

„Потребни ни се системи за противвоздушна одбрана, IRIS, Hawks, Patriots, потребни ни се генератори (за нашите енергетски потреби)“, рече Кулеба.

„Претседателот Путин се обидува да ја искористи зимата како оружје“ со „целни напади“ врз енергетската инфраструктура за да го лиши населението од греење, струја и вода, изјави за новинарите на почетокот на дводневниот состанок, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Целта на Кремљ е „да предизвика што е можно повеќе страдање на украинските цивили за да не се скрши нивниот отпор, нивното единство во борбата против руската инвазија“, додаде тој.

Во изјавата, министрите на НАТО ги осудуваат „постојаните и непромислени руски напади врз цивилната и енергетската инфраструктура“ и ја потврдуваат одлуката од 2008 година дека Украина на крајот ќе стане членка на Алијансата, но не наведуваат конкретни чекори или календар на чекори за добивање пристап до НАТО.

Групата Г7, која се состана во Букурешт под германско претседателство на маргините на состанокот на НАТО, повика на мобилизација поради енергетската криза во Украина.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој пристигна во Букурешт вчера вечер, најави нова финансиска помош за Украина од 53 милиони американски долари, која се надоврзува на претходниот пакет од 55 милиони американски долари веќе деблокирани за купување генератори.

Таа сума е наменета за набавка на електрична опрема (единици) која „брзо“ ќе биде испорачана во Украина, изјавил американски извор.

Администрацијата на Бајден одвои вкупно 1,1 милијарди долари за енергија во Украина и Молдавија. Американската помош беше најавена во пресрет на меѓународната конференција на доверителите со цел „да им помогне на отпорноста на украинските цивили“, која ќе се одржи на 13 декември во Франција.

Според украинската влада, меѓу 25 и 30 отсто од енергетската инфраструктура на Украина е оштетена од масовните руски ракетни напади од почетокот на октомври. Тие не ги напаѓаат само електраните, туку и целиот синџир, од производство до дистрибуција.

Столтенберг повтори дека НАТО има политика на „отворени врати“ во однос на Украина и рече дека „пораката од сите нас ќе биде дека треба да направиме повеќе“ за да му помогнеме на Киев, вклучително и кога станува збор за воздушната одбрана.

„Русија губи на линијата на фронтот. Затоа напаѓаат цивилни цели, градови, бидејќи не можат да освојат територии“, рече тој.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли го обвини Путин дека таргетирал цивилна и енергетска инфраструктура „за да се обиде да ги замрзне Украинците со потчинување“. Русија признава дека извршила напади врз украинската инфраструктура, но негира дека намерно им нанесува штета на цивилите.

„Да останеме смирени и да ги испратиме тенковите“, изјавил литванскиот министер Габриелиус Ландсбергис.

ЕУ побара да се активира Механизмот за цивилна заштита со испраќање 500 генератори и 2.000 зимски шатори во Украина како резултат на соработката на 17 земји-членки.

Германија ќе ѝ испорача „повеќе од 350 генератори“ на Украина, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт, прецизирајќи дека германската помош во областа на енергетиката досега изнесува 56 милиони евра.

Франција испрати 100 генератори и тие наскоро ќе бидат испорачани во Украина од романскиот град Сучеава, соопштија француски извори.

Романија, како и Молдавија, беше тешко погодена од војната во Украина и преку неа поминаа повеќе од 2 милиони бегалци. Букурешт досега примил 86.000 бегалци од Украина.

Освен за војната во Украина, министрите на НАТО разговараа и за приемот на Финска и Шведска во членство, кој веќе е ратификуван од 28 од 30-те членки. Унгарија најави ратификација за почетокот на следната година.

Финскиот, шведскиот и турскиот министер за надворешни работи се сретнаа во Букурешт на маргините на состанокот на НАТО, но без заклучок. Турскиот министер Мевлут Чавушоглу објави на Твитер дека ги пренел „очекувањата“ на Анкара.

Турција го блокира приемот на двете земји во НАТО, поврзувајќи го со нејзината борба против курдските движења и нивните поддржувачи на нивна територија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk