logo
logo
logo

Најмалку 12 загинати во воздушнитe напади на Газа, срушена е и џамија

Vecer | 15.05.2021

Најмалку 12 загинати во воздушнитe напади на Газа, срушена е и џамија


Палестинските власти потврдија дека најмалку 12 лица загинaле денеска во еден од неколкуте воздушни напади на северот на Појасот Газа, вклучително и една жена со три деца и дека израелските авиони уништиле џамија.

Израел потврди дека неговите авиони утрово продолжиле со воздушните напади врз воени цели на Хамас во Газа, а членовите на Хамас реагирале со истрели на ракети кон Израел. Бројот на жртви во конфликтот расте секој ден, но и притисокот на меѓународната заедница истиот да прекина, пренесува „Ројтерс“.

Сирени денеска се огласиле во неколку градови на југот на Израел, предупредувајќи на ракетен напад од Газа, а неколку згради биле погодени во Бершеба и Ашдод, но нема извештаи за жртви. Хамас ја презеде одговорноста за лансирањето на овие ракети.

Засега нема индиции дека конфликтот може да се смири и бројот на жртви се зголемува секој ден. Палестинците денеска пријавија 11 смртни случаи на окупираниот Западен брег во судирите меѓу демонстрантите и израелските безбедносни сили, а најмалку 132 лица се убиени во Газа од понеделникот, меѓу кои 32 деца и 21 жена, а 950 се повредени, соопштија палестински медицински лица.

Меѓу осумте загинати, колку што досега потврдија во Израел, освен војниците кои загинаа на границата со Газа, има и шест цивили, меѓу кои и две деца, објавија израелските власти.

Прекуграничните непријателства меѓу Израел и палестинските сили во Газа се придружени со насилство во мешаните заедници на Евреи и Арапи во Израел. Неколку синагоги беа нападнати, а на некои места избија и улични борби, што го натера израелскиот претседател Рувен Ривлин да предупреди на опасност од граѓанска војна.

Пред седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, што е закажана за в недела, американскиот помошник државен секретар за Израел и Палестина, Хади Амр, во петокот пристигна во Тел Авив на разговори со спротивставените страни.

Американската амбасада во Израел објави дека целта на овие разговори е интензивирање на работата за постигнување одржливо смирување на ситуацијата.

Судирите меѓу Израел и Палестинците влегоа во шестиот ден. Истите беа активирани по немирите во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим, каде што во изминатите неколку дена беа повредени стотици луѓе.

Судирите меѓу Палестинците и израелските полицајци избувнаа откако израелскиот суд донесе одлука за иселување неколку палестински семејства од градската населба Шеик Џара и предавање на имотот на еврејски доселеници, велејќи дека тие го поседувале пред 1948 година.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk