Речиси две третини од Русите не сакаат да ја примат руската вакцина Спутник В, против коронавирус, а приближно ист број веруваат дека вирусот е вештачки произведено биолошко оружје, покажало независно истражување на јавното мислење, кое го објави „Ројтерс“.

Институтот „Левада Центар“ наведува дека истражувањето спроведено минатиот месец открило дека 62 проценти од испитаниците не сакаат да ја примат руската вакцина, повеќето од нив на возраст од 18 до 24 години. Повеќето како главна причина зошто не сакаат да се вакцинираат ги навеле несаканите ефекти, вклучително треска и замор.

Студијата спроведена на 1.601 лице во 50 региони покажала дека 64 проценти од луѓето веруваат дека новиот коронавирус е биолошко оружје.

Потеклото на Ковид-19 е високо исполитизирано, но повеќето вирусолози и експерти за инфективни болести сметаат дека најверојатно неговото потекло е по природен пат.

Мисијата на СЗО што ја посети Кина минатиот месец објави дека не истражува дали вирусот избегал од лабораторијата, сметајќи дека тоа е многу малку веројатно. Експертите на СЗО веруваат дека вирусот потекнува од лилјаци и има повеќе можности бидејќи се шири на луѓето, можеби преку некое друго животно.

Верувањето дека вирусот е биолошко оружје го делат 71 процент од Русите на возраст меѓу 40 и 54 години, а само 23 проценти веруваат дека тој се појавил природно.

Русија пријави речиси 4,3 милиони заразени од почетокот на пандемијата. Три вакцини ковид-19 се одобрени во Русија. Земјата, со околу 145 милиони жители, започна масовна вакцинација со Спутник V во декември.

До 10 февруари, барем првата доза ја примија повеќе од два милиони Руси.

 

makfax.com.mk