logo
logo
logo

На италијанскиот остров Лампедуза пристигнаа 2.100 мигранти

Vecer | 10.05.2021

На италијанскиот остров Лампедуза пристигнаа 2.100 мигранти


Уште неколку стотици мигранти пристигнаа на малиот италијански остров Лампедуза, оддалечен 200 километри од Сицилија, па бројот на пристигнувања надмина 2.100 за 24 часа, пренесува АП.

Италијанското државно радио објави дека околу 1.400 луѓе пристигнале во неделата, а потоа уште 635 лица.

Радиото додаде дека многу луѓе спијат на душеци на отворено откако центарот за мигранти, кој беше празен до недела, беше целосно исполнет.

Неколку стотици мигранти беа префрлени во празен брод лоциран покрај брегот, каде што ќе останат во карантин и ќе бидат тестирани за Ковид-19.

Само во текот на неделата илјадници мигранти пристигнале на брегот на Лампедуза, островот најблизок до Африка, поради што локалните власти побарале помош бидејќи центрите на островот се веќе преполни и мигрантите се сместени на отворено, пренесува Анса.

Новите масовни пристигнувања на мигранти предизвикаа полемики меѓу политичките лидери и партиите, па лидерот на партијата „Лига“, Матео Салвини, ги обвини властите дека водат премногу блага политика и широко им ја отвораат вратата на мигрантите.

Весникот „Ил Фато котидијано“ потсетува дека во тек е судењето на Салвини, кој додека беше министер за внатрешни работи се обиде да го реши проблемот со илегалните мигранти забранувајќи им да се истоварат во италијанските пристаништа.

Според весникот, централната влада на премиерот Марио Драги бара од ЕУ да го спроведе постојниот договор за распределба на нови мигранти во сите земји членки.

 


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk