Московиси: Доколку Каталонија прогласи независност, новата земја нема да биде член на ЕУ

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московиси изјави денеска, дека доколку Каталонија прогласи независност и се отцепи од Шпанија, таа повеќе нема да биде членка на Европската унија.

Тој нагласи дека, Каталонија ќе престане да биде членка на ЕУ, во истиот момент кога ќе прогласи независност.

- Унијата ја признава само Шпанија како членка, истакна Московиси.

- Но, тоа е само во сферата на фикциите, бидејќи не постои реална независност на Каталонија, додаде тој.

Запрашан дали Барселона ќе треба да помине преку процесот за присоединување кон ЕУ, тој наведе дека „никој не се занимава со политичка фантастика".

Еврокомесарот, спротивставувањето меѓу Мадрид и Барселона го оквалификува како „болно", потенцирајќи дека тоа прашање треба да го решат самите Шпанци.

- Ситуацијата нема да биде решена ниту во Брисел, ниту во Париз, ниту на ниедно друго место, наведе Московиси.

Тој повика на дијалог и помирување по насилството што беше демонстрирано за време на минатиот викенд, кога беше спроведен референдумот за независност на Каталонија.

- Конфронтацијата не може да биде решение, а решение може да биде постигнато само преку дијалог, нагласи Московиси.

Поврзани

Најнови вести

Коментари